„Музичко патување“ беше концертот кој во Свечената сала на Офицерскиот дом го одржа дуо пијаното Татјана Божиновска и Билјана Димовска . На концертот беа изведени дела од Едвард Григ и Јоханес Брамс.
„Како и секогаш, така и сега беше доживување за нас да го споделиме нашето музичко патување со битолската публика преку делата на Григ и Брамс. Битола отсекогаш можела да се пофали со луѓе кои се верни вљубеници во класичната музика“, изјавија Божиновска и Димовска.
Дуото работи заедно од 2009 год. и на својот репертоар има програма од барок до модерна музика. Има одржано повеќе рецитали низ земјата: Битола, Ресен, Прилеп, Охрид, Скопје, Штип, Гевгелија, и на фестивалите: „Интерфест”- Битола (2009, 2020), „Битфест” – Битола (2011, 2013, 2018), „Златна лира”- Скопје (2011, 2021), „Прилепско културно лето” – Прилеп, „Музички моменти” – Гевгелија. Во 2013 година го снимаат и своето прво CD.
Татјана Божиновска е родена 1980 год. во Битола. Во 2002 год. дипломира, а во 2005 год. магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 год. ги завршува иДокторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и прoф. д-р Димитрије Бужаровски.Има одржано повеќе концерти и рецитали: Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска, Турција.Настапила како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Во 2006 е добитник на највисокото битолско признание „4 Ноември“ – како член на триото „Интерарт“. Од 2002 год. е вработена е во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.
Пијанистката Билјана Димовска е родена 1978 год. во Битола. Во 2000 год. дипломира, а во 2003 год. и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја: „Денови на македонската музика”, „Скопско лето”, „Битолско културно лето” „Хераклејски вечери“, „Прилепско лето“, „Денови на полската култура во Македонија”, „Музички вторник“, “ Златна лира”, „Интерфест“ – Битола. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди: I награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија „Нашите деца го свират Бах”; Специјална награда „Стефан Трајанов“ на истиот натпревар. Од 2000 год.е вработена е во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.