Home » Музички концерт „Stefanijazz“, по повод 10 години музичка продукција Welcome to Stefanija’s Music World

Музички концерт „Stefanijazz“, по повод 10 години музичка продукција Welcome to Stefanija’s Music World

by culturalchat

Сцената во Центарот за култура Битола беше исполнета со искреност, емоција и звук што допира до срцето. Имено во рамките на културниот фестивал Битфест, се одржа јубилејниот концерт на Стефанија Милевска – Враниќ, со кој таа одбележа децениско музичко патување исполнето со посветеност, креативност и љубов кон музиката.Стефанија, дипломирана поп-џез пејачка со препознатлив глас и оригинален стил, публиката ја поведе низ својата интимна и интензивна музичка приказна. Нејзините зборови на почетокот од концертот беа лични, инспиративни и полни со надеж:

„Решив од денес натаму да споделувам само среќа… со верба во Бог кој ми е единствена водилка, она што го чувствувам – ќе го споделувам во секоја можна прилика.“

Концертот беше вистинска музичка фузија – од современи џез, џез-рок и босанова аранжмани, до безвременски џез стандарди, со звуци кои ги спојуваат класичното со модерното, енергичното со нежното. Настапот носеше автентичен стил и искреност која ретко се среќава.Покрај Стефанија – вокал, на сцената настапија и: Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас, Павел Талевски – тапани. Публиката уживаше во изведбите на авторските песни на Стефанија: „Едно моме“, „Безнадежен“, „The moment is now“, „По патот на светлината“, „Бегаш“, „Да раширам крилја“, „После дождот доаѓа сонце“, „Нешто“, која беше изведена во дует со Владимир, „Hey you listen“ и „Малку љубов“, како и во интерпретации на безвременски класици како „At Last“ и „Summertime“, која што беше изведена во дует со Билјана. Сценографијата и шминката ги потпиша Бојана Артиновска, костимите ги дизајнираше Анастасија Зулевска, фризурите ги создаде Андријана Петровска, а фотографиите ги овековечи Ивона Кочов.Секоја нота, секоја изведба, секој поглед од сцената зборуваше за едно – музиката како вистина, како начин на живот, како љубов. По концертот, уживањето продолжи со коктел организиран од Tomato & Friends, кои приредија вистинско гастро-искуство со свежа, жива храна. Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам на Македонија и Општина Битола.

 

Related Articles