Home » „Музичка поезија“ во Битола со Леонардо Димоски и Горјан Стојановски

„Музичка поезија“ во Битола со Леонардо Димоски и Горјан Стојановски

by culturalchat

Денес со почеток од 20:00 НУ.Камерен Оркестар на Битола ја отвора втората сезона од 2025 година со концертот „Музичка поезија“, во КИЦ, Офицерски Дом. Оваа вечер е посветена на силата на музиката да може да зборува како поезија, тивко, нежно, но со длабока емоција.
Публиката ќе има ретка можност да ужива во настапот на младиот и талентиран виолинист Леонардо Димоски, под диригентска палка на маестро Горјан Стојановски, кој со својот уметнички пристап ќе ја води вечерта. Програмата е внимателно избрана за да ја покаже убавината и различните лица на класичната музика.Ние ги уловивме на проба и разговаравме со нив.
„Нашата цел, со Леонардо и Камерниот оркестар, е да приредиме едно „поетско читање” во кое зборовите ќе запрат, а музиката ќе биде таа што ќе ја носи фабулата. Имено, овој концерт го нарековме „музича поезија” токму поради блиската, скоро неразделна, врска помеѓу музиката и поезијата. Со таа цел и програмата е внимателно избрана со акцент на нејзините поетски елементи. Прво дело ќе биде „Поема” за виолина и оркестар од Ернест Шосон (Chusson). Убавината на поезијата и уметноста, во голема мера се состои во тоа што подлежи на многу субјективни сфаќања. За мене, оваа поема, ова прекрасно парче музика, на некој начин го отсликува заљубувањето на една млада душа, на еден млад поет. Започнувајќи во мрак, неизвесност и безнадежност, се развива преку еуфорија, плач и сладок душевен немир до екстатична кулминација на љубовната тема. Поемата постепено се разрешува во едно смирение, но овој пат мотивот на безнадежност се трансфигурира во благосостојба, завршувајќи со светол Ес-дур акорд, кој е тоналитет и боја на надеж и триумф.
Ова е моето доживување, но можеби подобро да ја оставиме публиката да го формира своето разбирање слушајќи го свирењето или „препевот” на Леонардо и нашата нарација“, вели Горјан Стојановски и додава:
„ Во вториот дел од концертот, публиката ќе ги слушне звуците на познатото „Интермецо” на Пјетро Маскањи од неговата „Кавалерија Рустикана”, еден од бисерите на италијанската опера. Понатаму, следува звукот на англискиот танц и англиската идила преку свитата „Сент Пол” од Густав Холст. Во нејзиниот четврт став се јавува познатата и стара англиска тема „Гринсливс” која е пишувана на стихови, чиј автор се претпоставува дека е кралот Хенри VIII, посветувајќи ги на неговата, некогаш сакана, Ен Болејн, чиј надимак бил “Гринсливс”. За крај ќе ја изведеме серенадата за гудачки инструменти од Едвард Елгар. Самото име на ова дело јасно укажува дека преку него пак и пак ќе ја опеваме љубовта со посебноста и продорноста на Елгаровите теми“.

После светските сцени, го запрашавме Горјан што за него значи настапот пред неговата, домашна, битолска публика.
„За мене претставува огромна чест и големо задоволство што за првпат ќе имам прилика да настапам како диригент дома, во Битола. Настапот пред знајна и култивирана публика како битолската, сам по себе си носи поголема одговорност. Но, нејзината енергија или подобро да кажам синергијата со неа е секогаш прекрасна“.
„Уживав во секој миг од процесот на подготовки“, ни изјави Стојановски за соработката со Камерниот оркестар. „Оркестарот е исполнет со луѓе, професионалци кои се желни за работа, свирење и создавање. Со умножување на бројот на ваквите луѓе во овој ансамбл, курсот на издигнување е несомнено нагорен. Битола тоа и го заслужува.
Искрено и топло се надевам на други успешни соработки и нови програми со оркестарот“.За Леонардо настапот пред публиката од градот во кој тој се школуваше значи многу.

„Битолската публика за мене е особено драга и важна, пред сѐ бидејќи во голем дел се состои од мои поранешни професори и пријатели, со кои што сум поминал многу убави моменти за време на моето школување во Битола. Со оглед на тоа што студирам во Виена, а тука не настапувам толку често како порано, мислам дека и публиката има повисоки очекувања за мене, што ме мотивира и ми овозможува да ги поместувам границите на моите можности и да го дадам максимумот“. А за Камерниот оркестар вели:
„Пред сѐ, се работи за реномиран оркестар во Македонија па и пошироко, што доволно укажува на нивната професионалност, труд и напорна работа. Освен тоа, тие се мои драги професори и колеги со кои што сум настапувал и на други проекти, што ми причинува огромно задоволство повторно да настапам со нив“.Горјан Стојановски е пијанист и млад диригент, роден во Битола во 2003 година – град кој уште од детството му ја разбуди љубовта кон музиката. Основното музичко образование по пијано го започнува во Државното музичко училиште – Битола, во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Подоцна се преселува во Скопје, каде што го продолжува образованието воДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класите на м-р Дино Имери и м-р Катарина Ќетковиќ – Фидановска. Во текот на своето образование, Горјан е добитник на бројни национални и меѓународни награди: трета награда на натпреварот „Даворин Јенко“ (Белград, 2020), втора награда на натпреварот Шопен во Малезија (2020), прва награда и награда за најдобра интерпретација на дело од Бетовен на натпреварот „Полихимнија“, прва награда во Идрија, Словенија (2021), како и прва награда на државниот натпревар на ЗДНМБУ „Хармонија“ (2021). Учествувал на семинари кај познати педагози и пијанисти. Паралелно развива интерес и кон диригирањето, учествувајќи на мастер класови со маестро Тимоти Редмонд (Англија) и проф.Урош Лајовиц (Словенија), како во Скопје, така и во Пловдив, каде што диригира со симфонискиот оркестар на Пловдивската опера. Во 2024 година диригира и со оркестарот наFAMES во Скопје, како дел од мастерклас со маестро Тимоти Редмонд. Од 2022 година студира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Елена Атанасовска-Ивановска. Остварува бројни солистички рецитали низ Македонија – во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија – а во јули 2024 година настапува со солистички рецитал на меѓународниот фестивал Concerti del Tempietto во Рим. За Горјан, музиката не е само професија – таа е негов личен простор за истражување, изразување и тишина што зборува погласно од зборовите.Леонардо Димоски е роден 2004 год. во Битола, Р. Македонија. Музичкото образование го започнува на 6 годишна возраст во Прилеп во ООМУ “Ордан Михајлоски Оцка”, во класата на проф. Оливера Трајкова и ментор проф.Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 год. е под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Средното образование го завршува во Државното Музичко Училиште во Битола, во класата на проф. Оливера Трајкова. Во 2023 год. започнува со студирање во “MUK- Musik und Kunst Privatuniversität der Stadt Wien” со проф. Кристина Шуклар, ментор проф. Павел Верников.Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари: Лауреат е на меѓународните натпревари “Охрид те сакам”, „Idrije” како и на фондацијата “Томислав Зографски” и други. Добитник е на специјални, први, втори и трети награди на следните натпревари: ODIN, International Music Competition” во Швајцарија, “Inernational Moscow Music Competition”, “Persatuan Chopin Malaysia music competition”, “Music Competition Online” во Париз, “Sarajevo Southeat European Violin Competition”, “PJETER GACI”, “Недаљка Симеонова“, “Constantine The Great”, “ARSKOSOVA EDICIONI 15”, “Охридски Бисери”. Одржува концерти и настапува во познати сали во Виена, како: Musikverein, Ehrbarsaal, Steinway Salon, Bechstein Centrum и сл. Неговите концерти се често пати во рамките на различни културни манифестации и фестивали. Дел е и од фондацијата “Спиваков”. Тој исто така редовно настапува и на македонската сцена, вклучувајќи концерти во Прилеп, Битола и Скопје и настапи со Македонската Филхармонија.Учествува на семинари, работилници и проекти кои вклучуваат најразлични типови на импровизации и соработка со композитори на современа музика. Како плод на неговиот интерес во оваа област, под менторство на  професорот Dr. Jean Beers го формираат “Empathy Duo”(дует на експериментални и концептуални импровизации) заедно со Киара Јанко (хармоника) со која настапуваат на различни локации во Виена, како и во Musikverein. Посетувал семинари и мастеркласови кај повеќе истакнати професори.

Овој концерт е симболичен почеток на ново музичко патување – вториот дел од сезоната, исполнет со страст, инспирација и посветеност кон публиката.
Влезот е слободен.

 

 

Related Articles