Во конкуренција од над 1.000 филмови “Бизнисот на задоволството” заврши како финалист на еден од трите најдобри фестивали во светот Интернационалниот фестивал за звук и филмска музика, што се одржа во Самобор, Хрватска. Филмот на Гоце Цветановски, влезе во најтесната номинација, односно во финалето на натпреварот за најдобра филмска музика. Имено музиката за овој филм е дело на Димитар Андоновски.
„Особена чест и задоволство ми е што овие 3 дена имав можност да бидам во друштво на големи уметници, светски sound дизајнери и добитници на оскари и тоа на еден од трите најголеми светски фестивали за филмска музика. Самата номинација е голема награда за мене и признание за мојот труд, плус мотив и за понатаму. Непроценливо и незаборавно искуство за мене, како човек кој ја сака музиката и сака да ја создава истата. Големо благодарам до режисерот за дадената доверба, а во иднина посакувам уште поголеми успеси“, рече Андоновски.
Во категоријата каде филмот беше селектиран за наградата, беа проекти кои се истакнуваат со специфична и важна тематика, а притоа имаат висококвалитетна музика и звук.
Уметничкиот одбор на фестивалот го сочинуваа Ранди Том, кој има добиено двапати Оскар и еден од најпочитуваните звучни дизајнери во Холивуд. Работел на класици како Војна на Sвездите, Индијана Џоунс, Форест Гамп, Хари Потер. Понатаму, Ричард Кинг – саунд дизајнер на речиси сите филмови на Кристофер Нолан, добитник на 4 оскари. Мајкл Минклер – три оскари, работел на ЏФК, мјузиклот Чикаго, како и на неколку филмови од Квентин Тарантино. Стевен Варбек – оскаровец, за музиката на Заљубениот Шекспир. Роберт Таунсон – еден од најуспешните филмски музички продуценти на светот.
„Бизнисот на задоволството“ е политички трилер – драма. Улогите ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“ за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм. Пораката на филмот е оптимистична – дека, сепак, правдата е посилна од неправдата. Ова е прв игран филм на Цветановски. Филмот е по негово сценарио. Општествено-ангажираниот филм, кој има модерен и урбан пристап, се снимаше главно во Скопје и на една локација во Куманово.
„Бизнисот на задоволството“ досега се закити со награди на повеќе меѓународни фестивали.
Светската премиера на филмот беше на престижниот „Palm Beach International Film Festival“ во Флорида, САД. Фестивалот кој важи за еден од најдобрите 25 фестивали за независен филм во светот.