„ Нека овој филмски фестивал и понатаму биде духовен светилник, убавина што го краси Измир, нека и понатаму зрачи со силата на убавото и духовноста, а за радост на сите нас. Ја користам оваа прилика да ја искажам мојата благодарност кон директорот на фестивалот Сали Салини што сум почестен со ова убаво признание и мојот престој во прекрасниот Измир“, ова го изјави доајенот на македонскиот филм актерот Мето Јовановски, на синоќешното свечено отварање на 8-от по ред Интернационален филмски фестивал „Балканска панорама“ во Измир, Турција, каде му беше доделено признанието „Почесен гостин на фестивалот“ за допринос кон филмската уметност .
Признанието на Јовановски му го врачи заменик министерот за култура и туризам Ахмет Мисбах Демикран, кој истакна дека Македонија и Турција отсекогаш имале одлична поврзаност и соработка, а ова признание доделено на Јовановски е уште еден доказ за тоа.
Македонскиот актер во својот говор ги поздрави своите колеги.
„Сакам да ги поздравам моите драги и почитувани колеги, актери, филмаџии, филмски соработници кои својата љубов и креативност ја вградиле во тој магичен свет, во тие подвижни магични слики како дел од колективната меморија во балканскиот и европскиот духовен простор како траен белег на филмското творештво и придонес во филмското наследство. Филмот како медиум ги надминува сите граници, бариери и е достоен репрезент, духовна вредност, на културните различности и духовен спој, мост во заедништво, пријателство и љубов меѓу народите“.
Истакна дека е привилегија да се биде дел од создавањето на филмската уметност.
„Да се биде дел од создавањето на една филмска сторија при бројни филмски великани кои умеат животот,историското минато, бројните настани и случувања да ги преточат во мисловен возвишен и магичен креативен филмски свет, во филмска сторија како општочовечка вредност, е привилегија.
Денес сите сме исправени пред нови предизвици и сведоци сме на бројни настани и промени со желба за едно подобро утро во кое централна тема ќе бидат универзалните вредности како патоказ и ориентир за сите нас.
Ние постоиме за публиката. Во ова време на различни пандемии и болести, ви посакувам пред се добро здравје со желба да го следиме патот на убавото и креативното“ и додаде: „ Филмот ја возвишува човековата душа“.
Во негова чест за време на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“.
Дел од македонската делегација на свеченото отварање на фестивалот беа и Директорот на кинотеката на Македонија Владимир Ангелов и професорот и актер Атила Клинче.
Мето Јовановски е исто така и член на интернационалното жири за доделување на наградите во категоријата најдобар игран филм.
На фестивалот оваа година аплицираа филмови од 16 балкански земји. Станува збор за вкупно 614 апликации, 115 странски долгометражни филмови, 349 странски кратки филмови, 21 домашни долгометражни и 129 домашни кратки филмови.
Наградата „Жолт чадор“ која е симбол на овој фестивал ќе биде доделена во 11 категории, а победниците ќе бидат прогласени на 27 ми мај.
Филмовите „Хомо“ на Игор Иванов, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи , како и краткометражниот филм „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ, ќе се натпреваруваат на ова издание на фестивалот „Балканска Панорама”.
Во Измир за првпат ќе бидат прикажани македонските филмови: Врба (Милчо Манчевски), Сведокот (Митко Панов), Дедо и внук (Илија Пиперкоски), Манаки: Приказна во слики (Роберт Јанкулоски).
Филмскиот фестивал „Балканска панорама“ се одржува со поддршка на Министерството на култура и туризам на Турција, општина Измир и општина Буча, а основач и директор на истиот е Сали Салини. „Балканска панорама“ е мост на соработка на поле на филмската уметност помеѓу Турција и Балканот и ова година се одржува од 21 до 27 мај.