Home » Македонското филмско ремек-дело „Приказната за Силјан“ доаѓа во Битола

Македонското филмско ремек-дело „Приказната за Силјан“ доаѓа во Битола

by culturalchat

Битолската премиера на „Приказната за Силјан“ – новото македонско филмско ремек-дело кое тивко, но моќно ја допира душата, ќе биде премиерно прикажан на 04.02. во Центарот за култура, од 19.30.Преку интимен и автентичен пристап, филмот потсетува дека чувството на припадност и заедништво најчесто се согледува најјасно кога сме далеку од домот и од најблиските. Токму затоа, како што истакнува и режисерката Тамара Котевска, филмот добива особена тежина и значење при средбата со домашната публика. „Приказната за Силјан“ својата меѓународна фестивалска промоција ја започна на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби единствената и ексклузивна награда за најинспиративно дело. Потоа беше прикажуван на бројни реномирани фестивали ширум светот и откупен од National Geographic Documentary Films, кој го поддржа неговото понатамошно меѓународно позиционирање. Филмот беше избран за македонски кандидат за наградите на Американската филмска академија, а Агенцијата за филм обезбеди финансиска поддршка, водена од својата заложба да ги препознава и поддржува силните авторски гласови, особено на младата генерација македонски филмски автори. Со својата храброст, упорност и визија, Котевска покажува дека креативноста и посветеноста можат да ја преминат секоја административна или формална бариера, поттикнувајќи нови автори да веруваат во сопствениот глас и во потенцијалот на македонскиот филм.Филмот во продукција на Јорданчо Петковски, Жан Дакар и Котевска, кој американската премиера ја имаше во IFC Center во Њујорк, по премиерите на и на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, триумфираше на 41. Интернационалните документарни награди (IDA Documentary Awards) во Лос Анџелес, освојувајќи ја наградата за најдобар документарен филм и најдобра камера за Жан Дакар, ја освои наградата за најдобар документарен филм според публиката на 10. Фестивал Коронадо што се одржа во Калифорнија и други. Филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе за живеење (trailer), денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.

На премиерата во Битола ќе присуствува екипата на филмот.

 

Related Articles