Македонската народна песна „Моме стое на бунарот“беше дел од проектот MCMFS – Мултимедијален Корпус на Македонски Народни Песни на архивот БузАр „Buzavorski Archive“. Оваа песна ја запишал Живко Фирфов во Гевгелија во 1955 година, кој подоцна ја аранжирал за тригласна пеачка група, што било дел од стратегијата за поддршка на аматеризмот и афирмацијата на македонската народната музика и творештво. Истата беше изведена од Ирена Ангеловска, Евелин Харви, Вероника Стојановиќ, Сара Кристи, Венди Чен, Алисон Данлоп, Џесика Велс и Џуди Дејл.„Уживав во музицирањето и споделувањето музика со вас. Благодарност до д-р Димитрије Бужаровски за можноста уште еднаш да придонесеме за зачувувањето и ревитализацијата на македонската народна музика“, истакна Ангеловска на чија иницијатива оваа песна беше изведена. Неодамна таа го одбрани незиниот докторски труд. Ирена активно учестува во зачувувањето и афирмирањето на македонската песна во Нов Зеланд, имено го основаше и го води Македонскиот Камерен Хор во Окленд, заедно со својот сопруг Саше.
Целта на хорот е промовирање и зачувување на македонската култура и македонското музичко творештво, раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Аотеароа/Нов Зеланд, претставување на македонската музика рамо до рамо со музиката на останатите култури во Аотеароа/Нов Зеланд, и промовирање на интеркултурен дијалог, разбирање и почитување меѓу културите и етничките заедници во државата.