Во францускиот град Ница, на Азурниот Брег, заврши годинешниот детскиот избор за најубавата и најдобрата „Песна на Евровизија“. Победи малата Французинка Зое Клаузур со песната „Coeur“ (Срце). Со тоа Франција си обезбеди трета победа на ова натпреварување. Инаку, Зое Клаузур е пијанистка од гратчето Монтруж и има настапувано со Амир (француски учесник на Евровизија 2016) и францускиот кантавтор Исеулт.
Нашата македонската претставничка Тамара Грујеска иако важеше за голем фаворит, сепак не успеа да влезе меѓу првите десет. Го освои 12. место. Но тоа не е ништо трагично. Распеаната Македонка Тамара, својата Македонија ја претстави во најдобро светло. Имаше моќен настап во Ница, со баладата „Кажи ми, кажи кој“, чиј автор е композиторот Робер Билбилов.
До победникот овој пат се дојде и преку интернет. Па така покрај тие 16 земји, гласаа и гледачите од уште 159 нации.
Милиони валидни гласови беа добиени по пат на онлајн анкетата која беше поделена во два круга: еден пред шоуто врз основа на клипови за преглед и втор што се отвори по последниот настап во живо, дозволувајќи им на гледачите да го дадат својот глас врз основа на она што го гледаа на сцената. Ова детското евровизиско шоу го водеа француските ТВ водители Оливие Мине и Лори Тилеман. Ним им се придружи „дигитален амбасадор“, француската ѕвезда на Тик-ток Офења, која ги интервјуираше децата-пејачи во „Зелената соба“.
На овој натпревар за талентирани млади на возраст од 9 до 14 години учествуваа радиодифузери-членки на ЕБУ од 16 различни земји. Дваесет и првото издание на Детскиот натпревар за песна на Евровизија беше организирано од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), а домаќин беше France Télévisions (FTV) со сите уметници кои настапуваа во живо на сцената во Палатата Никаја во Ница. Шареното шоу започна со сите деца-учесници кои ја изведоа тематската песна „Херои“.