Проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески беше презентиран во Загреб во салата „Ватрослав Лисински“. Проектот од 80 минути музика, вклучува квинтет и претставува камерно видување на нашата музика, збогатувајќи ја изведбата на сплетови од македонски ора со неколку песни кои додадоа дополнителен шарм на целата инструментална димензија.
Во проектот „Македонисимо“ на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“. Уникатниот тим на МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ покрај Симон Трпчески на пијано, го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Посебни гости на концертот во Загреб беа Антонио и Марио Јанковиќ кои свиреа на тромбон.
На концертот присуствуваше Македонскиот амбасадор во Хрватска Милаим Фетаи и претставници на Заедницата на македонците и македонските здруженија во Хрватска.
Роден во Скопје, виртуозниот пијанист Симон Трпчески е еден од најбараните пијанисти на денешницата.Со својот моќен израз на пијаното и длабоко експресивни и уникатни интерпретации, тој ги освои не само срцата на слушателите на концертните места низ светот, туку им остави на критичарите само еден избор: секој ги претвора критиките за неговите концерти во пофални зборови.
Настапуваше како солист со најголемите светски оркестри како што се Њујоршката филхармонија, Симфонијата на Сан Франциско, Симфонискиот оркестар на градот Бирмингем и Лондонскиот кралски филхармониски оркестар, со кои настапи минатата сезона во циклусот Лисински во сабота.
Оваа година во соработка со издавачката куќа „Лин Рекордс“, со која соработуваше за ЦД-то на кое Симон Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, го објави најновиот албум насловен „Пријателство“ (Friendship), кој е достапен на дигиталните мрежи за преземање.
Најновиот албум го содржи Квартетот за пијано на Брамс бр. 3 во c-moll, тука е и фантастичниот нов аранжман на „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет на Панде Шахов. ЦД- то ќе излезе во ноември, а делата од истото во живо ќе бидат изведени во Лондон, како дел од сезоната на Лондонскиот симфониски оркестар 2023/24. На концертот Симон ќе ги изведе Брамсовите концерти за пијано 1 и 2 во декември во салата Барбикан.