Во преубавиот амбиент на предворјето на „Св. Софија“, ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт, предводен од брилијантната Русанда Панфили, подари на публиката незаборавна вечер. Русанда, свирејќи на ретка виолина од 1610 година, донесе фузија на класична, филмска и фолклорна музика, воодушевувајќи ја публиката со својот проект Панфили и пријателите. ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот ФАМЕ`C, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура на РМ. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.
Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики. Институтот соработува со еминентни музички имиња, како: Тимоти Редмонд, Роман Симовиќ, Ирина Мурешану, Веско Ешкенази, Колсимча и Оливие Труан, Алистер Кинг, Остин Винтори, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Мириан Кукунаишвили, Куареим, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Емили Дејвис, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Питер Барсони, Дајен Луи, Федерико Натан и други.
Русанда Панфили е виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент по потекло од Молдавија. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла. Како наградувана виолинистка, Панфили има остварено бројни настапи со меѓународно признати оркестри и диригенти низ светот. Со издавањето на албумот ,,Андара 1980‘‘, Русанда ја одбележа 2020 година како композитор.