Фолклорот е јазик на толеранција, култура и соработка низ светот. КУД Мирче Ацев од Прилеп освои две значајни награди на 22.издание на меѓународниот фолклорен фестивал во Велика Горица, Хрватска. Едната награда е за техничка изведба, а другата за изворност, односно оригиналност. Фолклорниот ансамбл „Туропоље“ и оваа година беше организатор на една од најголемите и најубавите меѓународни фолклорни манифестации во Хрватска. Овој фестивал, на едно место пречека бројни гости како од земјата така и од странство, кои со оро и песна ги забавуваа љубителите на фолклорот.
„Овие награди ни значат многу и се еден вид вреднување на она што го работиме долги години.Трудот кој го вложуваат сите членови на КУД „Мирче Ацев“ и взаемниот квалитет при изведбите“, истакна Горан Василевски, претседател на друштвото. На фестивалот учествуваа 300 учесници од повеќе држави од светот.
Манифестацијата во Велика Горица во текот на изминатите години собра повеќе од 160 групи од околу 30 земји од пет континенти. Гости на овогодинешниот фестивал покрај КУД Мирче Ацев беа и фолклорниот ансамбал „Витоша“ од Софија, Бугарија,културно уметничкото друштво „Братинечко срце“ од Братина, Република Хрватска, ФА. „Иван Мажураниќ“ од Карловац, фолклорната група „Кребане“ -Бруси, Полска и други.
Злата Цундековиќ, претседател на ФА Туропоље, им ги додели наградите на најдобрите, па така покрај КУД Мирче Ацев награди добија и Фолклорниот ансамбл „Витоша“ (Софија, Бугарија) – за Инструментална изведба и Вокална изведба; Фолклорната група „Кребане“ (Бруси, Полска) – Општ сценски впечаток и Музичка изведба.Програмата и оваа година беше богата и разновидна, обезбедувајќи можност на посетителите вистински да уживаат во традиционалните танци и мелодии од различни делови на светот.
Ова не се први награди за КУД „Мирче Ацев“ на овој фестивал, имено тие веќе повеќе години учествуваат на истиот, а се сеќаваме и на нивните награди во 2016, кога ја добија главната награда, наградите за кореографија и за настап.Освен со Велика Горица тие имаат соработка со фолклорниот ансамбл Темпет, од Макарска.
Гостувањата на овие фестивали и манифестации се на покана на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола.Инаку Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ од Прилеп оваа година одбележуваат 76 години од формирањето.
Низ годините, друштвото е чувар на богатото македонско културно наследство. Ансамблот е основан во 1947 година. Во текот на своето постоење, членовите на овој ансамбл одржале над 5.000 концерти, во градот и на многу смотри и фестивали во државата и во странство, каде што се стекнати голем број признанија, дипломи и пофалници. КУД „Мирче Ацев“ досега гостувал речиси на сите континенти во светот, достојно презентирајќи го македонскиот фолклор. Значајни се успесите постигнати на меѓународните фестивали во Ланголен, Англија, во 1969 година, потоа во Миделкерке, Белгија, во 1970 година, па во Овиедо, Шпанија, во 1970 и во 1975 година, во Ница, Франција, во 1979 година и многу други. Младите игроорци и игроорки со силен ентузијазам и голема љубов кон народните игри, песни и носии, автентично ги интерпретираат на сцената обичаите од историското минато на македонскиот народ.
Тука се и настапите во Кожле, Полска, во 1994 година, во Ешме, Турција, во 1996 година, големата турнеја низ Западна Европа (Франција, Германија, Данска и Белгија) во 1997 година. Потоа во Романија (1998), Бергама и Измир, Турција (1999), Кедриерзин, Полска (2000), Мароко (2000), Познањ, Полска (1989, 1994, 2001, 2015), Монт Брисон, Франција (2002) и многу други.
Друштвото има реализирано гостувања во земјите низ Балканот, односно во Србија, Хрватска, Бугарија, во Грција. Во 2007 та, беа дел од познатата културна манифестација „Галичка свадба“, кога ги изведоа „Тешкото“ и „Невестинското“ пред повеќе илјадната публика во Галичник.