Во камерната сала на Филхармонијата концерт одржа пијано триото „30 прсти“. Триото е составено од пијанистите Весна Ангелова, Марија Вршкова и Петар Макариевски. Тие изведоа дела од Жан Крас, Расим Рамазанов, Стив Рајх/Дионисис Боукоувалас и од македонските композитори Бете Илин и Дамјан Темков.
Станува збор за интересен, уникатен концепт на изведба на музика на едно пијано, односно музицирање на тројцата уметници со „шест раце“, во исто време, на еден инструмент.
Марија Вршкова, од Битола, дипломирала на ФМУ во Скопје со највисока оценка на универзитет „cum lauda“ во класата на проф. Тодор Светиев, каде и ги завршува магистерските студии по пијано. Добитник е на повеќе награди во поранешна Југославија, а најзначајна и е нагрдата Трети ноември на меѓународниот натпревар на млади пијанисти во Рим. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Работи како вонреден професор на ФМУ.
Весна Ангелова-Христов, дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала на интепретација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка Рита Кинка. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди. Била
учесник на меѓународни мастер класи кај познати пијано педагози, настапува како солист и камерен музичар низ Македонија. Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Чешка, САД. Таа е професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николоски – Луј“ во Скопје.
Петар Макариевски, во 2001 година дипломирал на ФМУ Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 посетува магистерски студии во Софија, а од 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД и паралелно завршува магистерски студии кај проф. Серѓо Гало. Додека престојува во САД активно реализира концерти и работи како хонорарен пијано соработник на универзитетот. Од 2019 година е уметнички соработник пијанист на ФДУ во Скопје.
Претходно овој проект го презентираа во Прилеп, како и во Виена. Во австриската престолнина амбасадорот Освит Росоклија оствари средба со членовите на триото. На средбата се разговараше за можностите за настап на македонски уметници на виенската културна сцена, а во тој контекст и за натамошната соработка на триото со македонската Амбасада во Виена.
Фотографии: Филхармонија