Последниот концерт од годинешното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ беше посветен на делото и творештвото на неодамна починатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица. На концертниот омаж, публиката имаше можност да чуе дела од опусот за гудачки оркестар на авторот во изведба на солистите: Татјана Петрушевска- обоа, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот и Мартин Димитров – виолина кои настапија заедно со гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентската палка од маестро Борјан Цанев.
Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023) беше уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се сместени опери, балети, камерни и хорски композиции, популарни и детски песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат и клучниот и неодминлив придонес за македонската музичка култура. Тоа е балетскиот опус на авторот што опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“). Неговото богато музичко творештво е плод на повеќе влијанија, тенденции и животни ситуации. Бранѓолица е несомнено еден од најплодните и најзначајни автори на 20-тиот век во македонската музика, не само во класичната, туку и во сите останати музички жанрови.
Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Љубомир Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз. Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли.
Концертот „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ беше во организација на СОКОМ, Претседателот на Р. Македонија и Филхармонијата и се реализираше со поддршка на Министерството за култура.