Во петок на 14.02 во 19 часот во просториите на ДЛУБ ќе биде отворена интерактивната изложба на визуелниот уметник Филип Јовески од Прилеп. На изложбата ќе бидат претставени 14 трансдисциплинарни дела проткаени со наративи и мотиви инспирирани од богатото македонско културно наследство. Делата ги отелотворуваат верувањата и аспирациите на авторот кој со употребата на засилената (аугментативна) реалност го спојува уметничкиот израз со реалниот свет. Ваквата комбинација на традиционалните и дигиталните техники нуди огромен потенцијал за раскажување нови приказни и на едно инклузивно и интерактивно доживување во еден галериски простор. Заинтересираните ќе можат да ја посетат изложбата до 28.02. 2025.Филип Јовески (1982) од Прилеп е Магистер по фини уметности и Магистер по архитектура и работи како мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник и архитект, кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Неговите дела претставуваат код, симбол и дестилација на концепти и идеи, засновани на личното искуство во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, филмот, анимацијата и дигиталната уметност. Неговиот визуелен јазик се движи помеѓу експресивна апстракција и имагинативна фигурација, помеѓу силни бои и потези и потиснати пастелни колорити.
Остварил уметнички студиски престој во Германија, Русија, Чешка и Англија. Реализирал самостојни изложбив о Германија (Берлин и Бремен) и Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии и биеналиња. Има освоено прва награда за фотографија, филм и мултимедија на Остен биенале 2024 и на Ноемвриската изложба на ДЛУБ за 2023та година. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во Македонија, Германија и Англија.