Фестивалот и годинава ги става во фокус Прилеп и неговите театарски вредни уметнцици. Вчера беа отворени две изложби посветени на актерите Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, актер и режисер.
Фотографии, лични работи, исечоци од написи во весници се дел од интимните изложби што се поставени во „Тротоар“ и во „Лувр“ за време на фестивалот. Членовите на семејствата на овие уметници изразија благодарност до фестивалот за укажаното внимание. Актерот Ивчески, видно емотивен рече дека и е среќен за ова внимание, но и тажен зошто дочекал на 60 години од фестивалот да има клуч на вратата на Театарот „Војдан Чернодрински“.
Вчера се одржа и првата тркалезна маса на претставите од официјалната програма. За претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, на Драмски театар, зборуваа актерите Александар Степанулески, Филип Трајковиќ и Златко Митрески. Тие се осврнаа на предизвикот да се игра по нов текст чија база се наоѓа во култниот „Диво месо“ и претставува еден вид коментар на времето денес. Модераторот Звонко Димоски направи одличен пресек на претставата, посочувајќи ги најважните места во неа. Степанулески истакна дека се труделе да избегаат од „Диво месо“ во градењето на ликовите. Во однос на темите, денеска еден автор има поголем предизвик кој проблем да не го опфати во текстот, додека во „Диво месо“ се гледаат многу помалку проблеми од времето во кое е создадена.
-Живееме во паралелни светови. И се што е банално и делува нереално, е всушност реалност. Затоа и претставата лесно допира до публиката. Живееме во ремек-недело на живеење – рече Степанулески и додаде дека соочувањето со себе е една од најважните линии во оваа претстава. Филип Трајковиќ посочи дека тоа што и приватно се познаваат актерите дека им помогнало многу во процесот на создавање на ликовите. Прикажале едно семејство кое може да биде кое било. Ликовите покажуваат дека сите ние како да сме еден ист лик од едно семејство и кај секого на различен начин се има порив за борба.
Златко Митрески кој е чиновник во претставата истакна дека низ неговиот лик се гледа системот што го имаме денес, невозможноста лесно да е заврши одредена админситративна работа без компликации. Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Прилеп.
