Во Офицерскиот дом беше презентирана изложбата на еден од најдобрите македонски костимографи Благој Мицевски под наслов „Опера/Драма/Балет“ како одраз на соработката на Мицевски со автори кои најмногу влијаеле и ја одбележале неговата работа меѓу кои: Диего Де Бреа, Џон Блондејл, Рисима Рисимкин и други.
Диего Де Бреа е режисер од Словенија, со кого Мицевски соработувал при реализација на опери во Братислава и Љубљана, како и на голем број театарски претстави во Битола, Скопје, Белград, Цетиње и Сараево. Џон Блондел е режисер со кого соработувал на повеќе претстави, заедно со неговата трупа „Лит Мун“ во Санта Барбара, Калифорнија, но и на претстави реализирани во Битола и во Битолскиот театар, од кои едната имаше премиерна изведба во лондонскиот „Глоуб“ во 2012 година. Соработката на кореографката Рисимкин и Благој Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на скоро сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено преку 30 проекти. Рисимкин, е нашата најуспешна кореографка.
Заедно работеле на голем број проекти во Македонија, но и на балетски претстави во Љубљана, Ротердам, Анталија и во Пекинг. Многу од проектите гостувале на престижни фестивали како во Холандија, Америка и во Кина. Оваа година се претставија и пред публиката во Париз, во престижниот театар за танц „Шајо“, за што добија и одлични критики.
Мицевски има препознатлив визуелен печат, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, а чии уметнички костимографски решенија, повеќе од 30 години се дел од големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Од сцените во Љубљана, Белград, Сараево, Нови Сад, Братислава и многу други, до нашите македонски сцени, секогаш финалниот резултат е нешто што не се заборава, костими кои им даваат на претставите своевидна препознатливост. Мицевски е роден 1968 та во Битола. Од 1993 до денес е постојан член на ансамблот на НУ.Народен театар Битола. 6 години беше уметнички директор на Битолскиот театар, период во кој театарот забележува голем меѓународен подем. Тој е и идеен творец на „Битола Шекспир фестивалот“, за кој беше селектор во првите 5 изданија, период во кој фестивалот стана член на Европската асоцијација на Шекспир фестивали. Има режирано 15 претстави, кои гостувале на фестивали во земјава и странство и биле наградувани. Беше костимограф и во два филмови, а учествувал и на повеќе изложби.
За изложбата истакна: ,,Мило ми е што изложбата е претставена во реновираниот Офицерски дом, кој го паметам уште од моето детство и дека е од прославата на 4. Ноември на Општина Битола, со што се покажува мојата врска со овој град како трајна инспирација. Изложбата има два концепти, едниот се изложените костими од претставите од Битолскиот театар, и сите се од претстави по дела на Шекспир. Фотографиите ја прикажуваат мојата работа последните 10 години“.
За својата работа, Благој Мицевски има добиено повеќе награди. Оваа година ја доби и наградата за најдобра костимографија на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за костимографијата во претставата „Артуро Уи” во изведба на Битолскиот театар. Годината ја започна со премиерата на „Идиот“ од Достоевски, во режија на Андреј Цветановски во театарот во Нови Сад, премиерата во Сараевскиот театар за претставата „Крал Едип“ во режија на Диего Де Бреа, продолжи со костимографијата за претставата „Големиот Диктатор“ во Драма Љубљана, премиерата на „Мајка“ во Битолскиот театар, премиерата на „Артуро Уи” во режија на Ќендрим Ријани исто така за оваа театарска куќа и други. На изложбата говореа и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и директорката на КИЦ.Лили Бошевска.
Во чест на изложбата се изведе и кореографијата „Котел“ каде што потписник на костимите е Благој Мицевски. Настанот беше поддржан од Општина Битола како дел од манифестациите кои се одржуваат по повод одбележување на Денот на ослободување на градот Битола, 4 – ти ноември.
Изложбата „Опера-драма-балет“ на Благој Мицевски презентирана во Битола
previous post