Вечер со почеток од 19 часот во изложбениот салон на ДЛУБ, ќе биде отворена изложбата на триесетина дела од над 50 годишното творештво на уметникот Владимир Младеноски.„Сликите треба да бидат едноставни, да може секој да пронајде во нив дел од себе и од своето окружување. “, вели Младеноски.
Тој е роден на 14.10.1945 година во с.Подгорци, Струшко. Учителска школа завршил во Охрид во 1964 г., а Педагошка академија во 1966 во Скопје во класата на Вангел Коџоман. Како студент, со својот професор В. Коџоман, престојува во Венеција, Италија во 1968 г. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ, ДЛПМ, СУЛЈ. Наградите што ги добива за учество на културните манифестации и детските ликовни колонии зборуваат за ликовен педагог кој на многу генерации им помогна и ги насочи како талент.
„Тој и верува на силата на уметноста, на нејзината способност за одразување на реалната стварност. Низ сликарството на Младеноски ќе ја видиме половината на денот, трепетот на лисјата и целата крајна синтетичност, “ истакнува Наум Бојчески.
„ Владимир Младеноски е упорен неимар на творечкиот чин полн со патриотски занес, чесен и искрен во фокусот на блискости од животот и достоинствено опстојување во овие питомини на македонската земја во пазувите на гората и прегратката на воѓето; опстанувал, истрајувал и опстанал неговиот човек со високи погледи кон убавината на пространствата на дримколијата… секое дело на Младеноски е комплексна појава на бројни веродостојности и секојдневности на македонскиот човек и неговата судбина.“ , вели Милорад Душаниќ. „Племенита е идејата на уметникот да се афирмира митот на роднокрајниот пејсаж: тој впечаток се понудува во краен и траен. Во делата на Владимир Младеноски дише родниот крај, лирската записка на светската идеја на уметноста за поседното, регионалното и универзумот, дека само убедливоста во транспонирањето на регионалната идеја ја потврдува универзалната идеја на целото и општото.“, истакнува Крсте Чачански.
„Неговите платна се огниште на толку блиските предели на природата, без кои не се вгнездува нашиот духовен и емотивен осет во полето во кое останала само тагата за жетварките и жетварите, возбудата на косачите, ставата на водарките, здивот на езерскиот ветар насликан во ран утрински поход. И ете зашто, е севозможна тематската визија на овој особено даровит сликар. Неговото уметничко патешествие, не се битисува колку авторските сетила, толку надојдените емотивни длабини на секого пред чии хоризонт е предочена поставката на сликарското платно. “ , вели м-р Мито Спасевски.
„Нашиот роднокраен уметник Владимир Младеноски, ни остава Нам, на својот народ, својата татковина, печат траен за векови во слики, пеејќи преку нив за убавината што го опкружува.“- Евда Попоска.