Доајенот на театарот за деца на нашите простори, хрватскиот актер и режисер – Ивица Шимиќ ќе го отвори 14. ИДТФ Битолино. Имено од 3 до 7 август, децата од Битола и гостите од другите градови, ќе имаат можност во официјалната програма да погледнат 6 претстави од 6 држави кои ќе се натпреваруваат за фестивалското Гран-при. А Битолино и со богата офф-програма со театарска работилница и 4 претстави од театарските школи од нашиот град и пошироко.
Првата претстава денес, ќе ја изведе основачот на Мала Сцена од Загреб и поранешен Генерален секретар на Светската асоцијација на детски театри ASSITEJ (2008-2014). Тој ќе ја изведе својата култна претстава Pale sam na svijetu. По 39 години од првата изведба оваа култна претстава ни доаѓа во Битола. Приказна што толку убедливо ги опишува соништата и аспирациите на момчињата? Игра што ги привлекува децата во претставата и ги прави не само учесници, туку и креатори на претставата? Љубов кон детството и учество во стравот? Или сето тоа заедно? Веројатно…
Изведбата ќе биде од 20.30. Претходно во 19 часот, во Центарот за култура театарот „Бабец“ ќе ја изведе претставата „Зборови“.