Од денес до 28 ноември, Младинскиот културен центар повторно ќе стане најгусто населената музичка точка во градот. На тринаесеттото издание на ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал пристигнуваат повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од 40 земји. Мотото на годинешното издание е Living in a Bubble. ПИН не е само фестивал на кој се настапува, тоа е место на кое еден настап може да стане следна турнеја, фестивалска покана, издание, соработка или почеток на меѓународна кариера. 58 изведувачи, пет сцени и музика од четири континенти. За првпат на ПИН пристигнуваат артисти од Кина и Австралија, дополнувајќи ја програмата што ги поврзува сцените од Европа, Азија, Јужна Америка и Балканот. На сцените во МКЦ ќе настапат австралискиот електро-инди-поп состав TONIX, кинеските KyoYoko, кинеско-данското дуо Green Tea Bitches, аргентинско-шпанскиот проект Niem Nitai, како и Mista Trick, HRTL, Tankus, Diskopunk, Ljubičice, Elizabete Balčus, Mehmet Polat Quartet, Aurore Voilqué Balkan Ladies ConneXion и многу други.
Домашната сцена останува во центарот на програмата.
На ПИН ќе настапат македонските бендови ИСКРА, Chlen 16, Mallard, Маратонци, Персеида, Taxi Consilium и Деца Корнат Градина, како и македонско-интернационалните проекти на Јордан Костов – Resonant Earth Collective Ritual, Мартин Грозданоски со Mèraque, Тони Китановски и Гоце САФ со Afro Gitano и Миа Ѓаконовски, внука на легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, пристигнува од Берлин со сопствен современ авторски израз меѓу алтернативниот поп и џезот.
Повеќе од 30 конференциски активности, панели, работилници, менторски сесии и професионални средби ќе ги отворат темите за кои музичката индустрија најчесто зборува тивко, во бекстејџ или откако ќе заврши официјалниот дел. Inside the Music Business, Build Your Music Career, Indie in the Kitchen, Sony in the Bedroom, Ma(i)n Stage, Print the Legend, Should I Play or Should I Go, Green Is the New Rock’n’Roll се само дел од темите на кои ќе разговараат креативните работници и музички професионалци. ПИН е единствената меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал во Македонија и една од најзначајните професионални музички средби во Југоисточна Европа. Но ПИН не е само 58 настапи, пет сцени и неколку стотици гости. Тоа е простор во кој домашните артисти можат да се сретнат со светската музичка индустрија без да купат авионски билет. Простор во кој културните работници можат јавно да ги постават прашањата што институциите најчесто ги оставаат за следниот состанок. И простор во кој Скопје барем три дена може да изгледа како град што навистина сака да биде европска престолнина на културата.
Од 26 до 28 ноември, светот ќе свири, разговара, преговара и танцува во МКЦ. Комплетната дневна и вечерна програма е достапна на:
https://pinconference.mk/panels/
