Home » Започна 19.издание на Меѓународната колонија „Де Ниро“

Започна 19.издание на Меѓународната колонија „Де Ниро“

by culturalchat

Со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Меѓународната колонија „Де Ниро“ и  алтернативниот фестивал за фотографија “Зрно“ и со изложба на отворено започна 19. по ред Меѓународна колонија „Де Ниро“, која се одржува во Цапари.

На овој свечен чин, присутните ги поздрави членот на советот на колонијата Владо Ѓорески кој истакна:

„ Годинешната колонија “Де Ниро“ се отвора кога денот е најголем во годината и со тоа и најсветлиот ден, а уметниците се секогаш во потрага по светлината, видлива и невидлива. 19 години ликовна колонија “Де Ниро“ е вусшност патека на откривање на светлината во нас и надвор од нас. Во подножјето на големата планина која е симбол на висините, природата која е симбол на нашиот дом оваа колонија оствари и ќе остварува значајни траги на духовноста“.

Минатата година колонијата „Де Ниро“ потпиша Меморандум за соработка со Културно информативниот центар Битола.На потпишувањето на меморандумот со Фестивалот Зрно, потпишувачи беа Драги Филевски за колонија “Де Ниро“ и Сашо Алушевски од алтернативниот фестивал за фотографија “Зрно“.

„ Морам на почетокот на нагласам дека сме почестени што сме тука и се случува збратимувањето со колонија “Де Ниро“ кои се веќе наши пријатели. Пред три години токму Драги беше иницијатор за започнувањето на фестивалот на фотографија, а неговиот импулс беше знак дека треба “Зрно“ да започне, и еве втора година се одржува. За “Зрно“ не би сакал да зборувам многу и ве поканувам да ја погледнете изложбата која е поставена во природа. Во знак за долготрајно одбележување на оваа соработка, заедно со Драги ќе засадиме во Цапари дрво кое е симбол на долговечност, на уметност и други нешта“, истакна Алушевски.

Драги Филевски рече:

„Многу луѓе многу често не прашуваат што правиме со овие колониите, за што ги правиме , како се дружиме, за што се дружиме, а морам ним кои прашуваат и оние кои се тука, да им кажам дека сите ние уживаме во уметноста и го сакаме тоа. А, тоа ќе го правиме се додека уметноста живее во нас и околу нас, а живее преку нас.“.

Филевски ги претстави и ликовните уметници кои се дел од годинашната колонија, а тоа се учесници од Шпанија, Бразил, Грција, Србија, Мексико, Германија,Шведска,Кина, Македонија.

Во рамките на колонијата, се одржа и инклузивна уметничка работилница “Ние во музеј и природа“ во соработка со НУ Завод и Музеј Битола.

Во наредните денови во рамките на колонијата ќе бидат реализирани покрај работните денови, одбележување на денот на уметноста, Barbecue and DJ, целодневна екскурзија во Кавадарци, посета на неколку музеи во градот и на винаријата “Бовин“, изложба на одбрани дела од Меѓународната ликовна колонија “Де Ниро“, промоција и поетско читање на познатиот поет Јовица Ивановски, посета на “Арт Поинт – Гумно“ збратимената колонија во село Слоештица -Демир Хисар.

Извор: Битола њуз

Фотографии:Колонија Де Ниро

 

Related Articles