Втората сезона на најголемиот моден настан во Македонија започна со свеченото гала отворање на синиот тепих и три автентични ревии во трговскиот центар Скопје Сити Мол. Под името „Ти можеш, ти си силна“, познатата македонска дизајнерка Маја Кикириткова, чиј потпис е на брендот „Eleazar“, на многубројната публика ѝ претстави уникатни креации скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата боја обликуваа сериозен крој каков што ѝ доликува на една вистинска дама.
По неа следуваше ревиското деби во земјата на косовскиот дизјанер Етник Шала, кој на посетителите им се претстави преку авангардна ревија на својата најнова колекција. Гобленот беше вивидно забележлив во деталите на фустаните. Крајот на првата вечер бликна во светлото на идната генерација македонски дизајнери, студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија – „Скала” [поранешно „Џолев и уметностите”] кои на оригинален моден начин ги нанижаа своите креации пред сите присутни на ревијата.
Со ревиите на Мелани Дигит, Сара Реџиќ, Ателје Краљевски и Роберт Ивановски, се заокружи и вториот ден. Прва на сината писта продефилира колекцијата „Фигура“ на Мелани Дигит. Преку палтата, мантилите и бундите проговори за реобновлив текстил што на циркуларен начин се претвора во авангардна колекција. Понесена од хипи движењето како автентичен печат на нејзиниот бренд, добро познатата дизајнерка Сара Реџиќ повторно произведе специфична колекција со традиционални плетива и мноштво дезени како лајтмотив.
Веднаш потоа сите рефлектори се насочија кон приказната на ателјето Краљевски, што пред фестивалската публика даде неосекојдневен приказ на нослива ексцентрика. Крајот на втората вечер го означи Роберт Ивановски, а ревијата на асиметрична машка линија пренесена во единаесет модели, постави нови темели на машката мода.
Присутните имаа можност да погледнат возбудливи креации со едноставна, а сепак драматична естетика што плени. Кралско сината и црна се доминантните бои на бескомпромисните парчиња што излегуваат надвор од границите на секојдневното. Истовремено, колекцијата „X|“ зрачи со удобност за лесни дижења и удобност во она што се носи.
Македонските брендови Herline, Стефанија Насеска, La Maison Cece T. и модната куќа Elena Luka со приказ на најновите колекции го одбележаа крајот на ревиските вечери на манифестацијата под слоганот „Can you feel the light?!” .Третиот ден од единствениот моден фестивал во земјата беше отворен со колекцијата на Herline, брендот кој уште едаш потврди дека женственоста може елегантно да се изрази и во спортски парчиња облека. Освен најновата линија на тренерки, колекцијата „Revelation“ откри и нови едноделни костими за капење со софистициран дизајн.
По возбудливите креации на Herline, публиката се подготви да го проследи „ослободувањето“ на популарната македонска дизајнерка Стефанија Насеска. Поттикната од општествените случувања на глобално ниво,таа преку „Liberty“ издиктира футуристички, ексцентрични и авангардни трендови за смелите девојки.
Вториот дел од вечерта продолжи со третата ревија, кога синиот тепих го осветли игривата елеганција на La Maison Cece T. Овој пат, дизајнерката се претстави во сосема поинакво светло преку „Metamorphosis“, а во центарот на вниманието беа тоалети и комплети надополнети со крзна и кожни мантили.
Гламурот што плени продолжи низ подиумот на ревијата на модната куќа Elena Luka, која со сиот раскош го заокружи ревијалниот дел на Скопскиот моден фестивал. Божиците и нимфите од грчката и римската митологија за момент беа присутни во скопје, оживувајќи преку колекцијата „Satin Dream“. „Архитектурата, скулптурите и декорациите од старата грчка и римска уметност, вешто се преточени во модернизирана линија на ексклузивни тоалети кои на современите дами кои бараат смел и атрактивен дизајн, им ја овозможуваат привилегијата да се почувствуваат како вистински божици,“, беше истакнато од модната куќа.
Автори на фотографиите се Антонио Станков и Марко Вилиќ.