Home » Епископот г. Партениј за книгите на авторката Билјана Андоновска

Епископот г. Партениј за книгите на авторката Билјана Андоновска

by culturalchat

По повод промоцијата на двете книжевни дела на писателката Билјана Андоновска од Битола, романот Светогорецот и поетската збирка Славете Го Господа, во Бигорскиот манастир, Епископот г. Партениј, истакна:

„ Особено се радувам што нашата драга во Христа Билјана успеа да заврши уште едно литературно дело, уште еден свој роман, посветен на еден од последните наши Божји светии. Имено, откако таа напиша и издаде еден успешен роман за Преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински, еве сега веќе ја гледаме и втората нејзина прозна творба, Светогородецот, која е, всушност, романизирана биографија на Светиот отец наш Гавриил Лесновски, Светогорец и Чудотворец“.

Тој истакна и дека лично го познавал за Св. Гаврил Епископ Велички.

„ Тој човек го запознав лично кога имав околу петнаесетина години. Таа наша прва средба се случи во црквата на Пресвета Богородица во Битола. Бев на богослужба и некој од свештениците ми кажа дека во олтарот на храмот се наоѓа познатиот наш светогорец, дедо Гаврил, кој воедно беше авторот на книгата Чудата на Пресвета Богородица – која во тоа време ја читав и ја чував како голема светиња. Кога разбрав за неговото присуство, јас силно посакав да го видам, да го запознам и да земам благослов од него. Свештениците ме пуштија во олтарот, јас се доближив до него, му се поклонив со почит и му реков: благословете. Тој благо се насмевна и ми ја подаде за целив својата рака, која, верувајте, беше буквално исушена од пост. Ете, такво беше моето запознавање со големиот испосник од нашиве краишта“.

Околу впечатоците за новите книги на Андоновска рече:

„ Во почетокот од својата новела таа пишува токму за таа книга, за Чудата на Пресвета Богородица. Тоа ме врати во едно друго време, кога, како што некои од вас сигурно знаат, беше многу тешко, речиси и невозможно да се најдат духовни книги на македонски јазик, затоа што црковната литература беше строго цензурирана од режимот во државата. На годишно ниво, излегуваше само Православното календарче на Македонската православна црква, а и тоа со контролирано одобрение од комунистичката партија. Меѓутоа, кога човек целосно ќе се посвети на Бога, во пост, во молитва, во служба за другите – макар и да е сокриен некаде вон светот, тој во себе чувствува еден силен порив да се моли за светот, да го сака човекот и да сака да им го покаже патот на сите луѓе, да им ја покаже вистината и духовната сладост во неа. Светогорецотот, значи, дедо Гавриил, Светителот наш, не можел да го сопре или сокрие тој порив, па да не ги повика на некаков начин луѓето кон правиот пат. Затоа тој, според сведоштвата на постарите клирици, особено многу се трудеше да се печатат книги со духовна и почина содржина на разбирлив македонски јазик.

Неговата книга Чудата на Пресвета Богородица стаса до мене кога бев основец. До толку многу ја засакав таа книга – а преку неа и самата Пресвета Богородица – што книгата ја чував исправена во мојата детска соба и ѝ се молев на иконата на Пресвета Богородица од корицата секогаш кога ќе имавме проблеми дома. И Пречистата Богородица, како најдобра Мајка, нè услишуваше. Впрочем, сите дарови, секое добро ни доаѓа преку Неа. И да знаете, не е случајно што ова книжевно дело се промовира во текот на Великиот Пост. Та, тоа е посветено на тој голем наш испосник, кој на дело и со живот ни покажа дека постот е нешто спасително; дека тој не само што е потребен, ами е и неопходен за нашиот устрем кон Царството Небесно. И дополнително, го промовираме токму во саботата на Акатистот. Знаете, според типикот на Црквата, во петокот спрема саботата од петтата седмица на Великата Четириесетница, на сеноќно бдение го служиме целиот Акатист, упатувајќи ѝ ги великите пофални поздрави на Света Богородица. Во време на постот ние ја молиме Царицата да нè упати во тајните на Христовото Воскресение; оти Таа е Мајката наша и сака сите да нè привлече кон својот Божествен Син. И ете, книгата за дедо Гавриил Светогорецот, кој е дете на Пресвета Богородица – како што се сите светогорци деца на Пресвета Богородица, бидејќи живееле и живеат во нејзината Градина – се промовира токму на Великиот Пост посветен на Мајката Божја.

Па така, ми падна навистина мило кога во странициве прочитав за книгата Чудата на Пресвета Богородица од Свети Гавриил, до која и самата авторка дошла на чудесен начин. Од овој, како и од претходниот роман на г-ѓа Андоновска се доаѓа до заклучокот дека таа, на еден таинствен, молитвен начин, комуницира со светците, дека ги љуби нив и дека тие, од своја страна, ѝ биле водилки за да го направи тоа што било и нивна волја. Навистина се изненадив до колку податоци дошла и како сите нив со љубов ги сложила во своите романи“.

Книгата Светогорецот ни покажува дека светителството, всушност, продолжува низ вековите.

„ Никогаш не престанало. Впрочем, сите Христијани сме повикани кон светост. Повеќето од вас овде се воцрквовени верници и знаат како повикува свештеникот кога го издигнува Светиот Агнец пред Причест: Светињите на светиите. Црквата, значи, нè нарекува светии. Дедо Гавриил Светогорец и другите светители коишто ги канонизиравме последниве години во нашата Црква, а и сите светии од целата вселена коишто го исполнуваат Небото, ни покажуваат која е целта на нашиот живот.

Да го молиме Светиот отец наш Гавриил Светогорец, кој ја водеше Билјана по патот на своето житие, за таа да го направи овој прекрасен роман, за и самите да ги повторуваме страниците од Евангелието во својот живот, во околината којашто нè опкружува. Зашто нашето предназначение е да се обожиме; не да станеме само подобри луѓе, туку и да се соединиме со Бога, и така соединети со Него, да бидеме патоказ и за другите околу нас кон Царството Небесно. Во тоа да ни помогне најнапред Пресветата Владичица наша Богородица, потоа нашиот Светогорец, Епископот Велички Свети Гавриил, Светителот наш – да ни помогнат да го изодиме постот до крај, ова свето време, та подготвени со пост, молитва и покајание да влеземе во Страсната Седмица, да се поклониме на сечесните и спасителни страдања на нашиот Спасител и сите заедно да го дочекаме Светото и Славно Христово Воскресение, со молитви и благопожелби Господ да испрати голема благодат врз овој свет, кој има голема потреба од мир и спокојствие.

Ви благодариме уште еднаш, драга наша во Христа Билјана, за оваа прекрасна промоција!

Морам да признам дека покрај тоа што Билјана прерасна во една добра писателка, еве, таа се покажува и како добар организатор за вакви свечености“, додаде на крај Епископот г. Партениј.

Фотографии: Бигорски манастир

 

 

Related Articles