Драмската програма на годинешното 62 издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворена со премиера на театарската претстава „ „Секс, лаги и љубомора“ од Марк
Камолети, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Народниот театар Охрид.
Марк Камолети е голем мајстор на францускиот театар и на таканаречениот булевар на комедии во кој се разработуваат љубовните сплетки меѓу мажот и жената,неочекувани пресврти и карактерни улоги кои им даваат можност на актерите заедно да се забавуваат со публиката. Текстот е напишан во шеесеттите години од минатиот век , но повеќе од успешно и денеска живее на сцените ширум светот. Авторот Марк Камолети, како легитимен наследник на Фејдо, совршено ја владее структурата на комедијата на ситуации. Заплетот е многу едноставен и е проектиран, околу животите на две современи брачни двојки, кои се испреплетени на необичен начин. Емоционална вртелешка, полна со интриги, замена на идентитет, инсинуации и љубомора.
Самото дејство се случува во зграда, во стан модерно наместен со прекрасен поглед на градот, со убаво креирана костимографија, современа и елегантна.Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа. Ова е претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта. За ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас, како што велат Французите: „joie de vivre” или „радоста на живеењето“.
Коле Ангеловски е роден во Скопје 1943 година.Дипломирал Академија за филм и театар во Белград.Целиот свој работен век го поминал во Драмски театар Скопје.Има одиграно бројни театарски улоги на матичната сцена но повеќето главни улоги ги има одиграно во филмови и серии во поранешна Југославија.Како режисер во Македонија има режирано повеќе од 100 театарски претстави и е еден од најгледаните македонски режисери.
Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ -Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак.
Претставата почнува во 21 часот на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.