Home » „Дом“-најновиот видео запис на Александар Гулевски

„Дом“-најновиот видео запис на Александар Гулевски

by culturalchat

Најновиот видео запис на Александар Гулевски е со наслов „Дом“.Музиката и текстот се на Гулевски, видеото  е дело на самостојниот уметник под псевдоним Микеланџело Буонароти, кој работи за платформата Пекселс. Гулевски благодарност упати и кон Сашо Миленковски, Димитар Жиров и добрите души од Битола. Песната беше промовирана во Порта џез, а присуствуваа режисери, музичари, музички критичари и бројни љубители на добриот музички звук.

„Скромен и ненаметлив, горд на своето музичко минато, со јасна визија за својата музичка иднина, себеоткривајќи се постојано, нѐ тера да се спознаеме и одвнатре, за тоа кои сме и што сме и однадвор, за тоа какви сакаме да бидеме и сето тоа преку музиката ќе напише Илија Талев – музички критичар и DJ.

Битола и битолчани отсекогаш биле поклоници на музичкиот правец кој во моментот го негува Александар Гулевски. И можеби не случајно, токму од Битола започнува неговото ново музичко поглавје. Божја волја или судбина? Ќе слушнеме наскоро во форма на ЦД.

Околу идејата за „Дом“, Гулевски ни изјави: „Композицијата претставува запознавање на најдлабоките места на нашиот внатрешен живот, и како тоа запознавање ќе не поправи и однадвор“.

„Александар Гулевски припаѓа на старата гарда на музичари кои на почетокот на деведесеттите го трасирале патот на сегашната плејада на музичари. Започнувајќи во групи како Санс, Фреш, од денешна гледна точка вредни за напомена, транзитира за кратко во Мизар, за да со својата музичка капсула се појави во денешно време исто така за кратко во групата Вел. Се појавува во време кога го снимаат својот албум првенец и несебично ја нуди својата песна “Незалезна”, која стилски се разликува од целиот материјал на албумот. Се чини дека успехот на истата претставува иницијална каписла и го предодредува неговиот иден музички правец. Во моментот постои музички вакум на изведувачи кои третираат таканаречен алтернативен рок со примеси на византиско пеење. Мизар се само бледа сенка на самите себе и делуваат некако изморено. И додека чекаме на нови изданија на Горан Трајковски и Горан Таневски, од втор план се појавува Александар Гулевски како видно освежување на музичката сцена и од досега приложеното раме до раме им парира на гореспоменатите изведувачи“, пишува Илија Талев и додава:

„Следејќи ги модерните музички токови и користејќи блага електроника како ритам секција, надоврзано со прецизно исвирените гитари и незаобиколното и ненаметливо дозирано византиско пеење на својата музика му дава една безвременост на ионака безвременските минималистички текстови и како една целина блажено ве скротува и тера на повторно циклично повторување на песните. Ако реинкарнираната моментална музичка сцена со сите музички жанрови и поджанрови претставува главно јадење на музичкото мени во државата, тогаш  Александар Гулевски е десертот, односно јаготката на шлагот“.

Песната „Дом“ е  втор сингл на Александар Гулевски, од неговиот претстоечки деби албум, кој е во подготовка.

Песната може да ја слушнете на следниот линк:

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles