Home » Долготрајни аплаузи во Битола за Сатиричниот младински театар од Хрватска

Долготрајни аплаузи во Битола за Сатиричниот младински театар од Хрватска

by culturalchat

По повод Денот на Хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура беше изведена претставата „Жаба“ на Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска. Гостувањето на овој театар беше во организација на МХД.Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“, Битола, во соработка со општина Битола и Центарот за култура.

Претставата е базирана на текстот на Дубравко Михановиќ, повеќекратно наградуван, преведен и изведен текст, а 19 години по неговото создавање е подеднакво актуелна приказна за препознатливи луѓе на кои им е тешко да се приспособат на времиња на искривени вредности. Премиерата на истата беше во април оваа година. Во претставата играат:Иван Кнежевиќ, Славко Радовановиќ, Морено Мијатовиќ, Силвио Стилиновиќ, кој воедно е и режисер на претставата.

” Публиката всушност цело време мора да открие кој е жаба во претставата. Во текот на изведбата жабата се претвора во се и сешто, затоа што е повеќе синоним на сите оние тешки мигови кои сите ги преживеавме за време на војната во 90 -тите години.Целата претстава е универзална приказна за сите оние кои се соочиле со некое насилство, војни и сл”, изјави за Тера телевизија режисерот Стилиновиќ и додаде:

„ Кога сите малку повеќе би го работеле она што и ние, она што и Хрватскиот културен центар го работи и сите вие во Битола, бидејќи ние тука одлично секогаш се чувствуваме, кога сите повеќе би работеле на тоа културно поле, би било се поинаку. Културата ги зближува луѓето.Во тој случај се она што и денес се случува не би било во тој обем.Морам да нагласам дека Македонија и Хрватска немаат никакви незатворени поглавја, знаете исто така дека Хрватите сакаат да доаѓаат во Македонија, многумина од Хрватите го одбележаа овој културен живот во Битола и Македонија. Знаете дека еден од најголемите хрватски пистаели Мирослав Крлежа живееше еден период во Битола.Сосема поинаков би бил погледот на светот кога луѓето би се натпреварувале во убавината на пишаниот збор, зборовите воопшто, театарската уметност, а помалку да размислуваат за тоа кој на кого ќе му постави препрека“.

И претседателот на Хрватскиот културен центар, Бранко Маретиќ се согласи со констатацијата на режисерот Стилиновиќ.

„ Точно е тоа. Културата е поле каде паѓаат сите бариери.Благодарение на културата луѓето се зближуваат помеѓу себе, ја запознаваат културата на народите. Затоа и ние преку овие културни настани го зачувуваме хрватското културно наследство, а воедно и идентитетот на еден народ“, изјави Маретиќ.

Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет, хрватската историја.Овој настан е дел од таа програма.

„ Денес го одбележуваме 8/ ми октомври, Денот кога Хрватскиот парламент донесе едногласна одлука за одвојување од бивша Југославија.На тој начин Хрватска стана независна, демократска, слободна држава“, рече Маретиќ.

Културните посети и соработки траат повеќе години, следната година се одбележува јубилеј од 30 години на организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.

Инаку, Сатиричниот младински театар, постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме. Сатиричниот театар со право може да каже дека со своите претстави, културното значење и просторот што го отвора за младите и љубителите на театарот е еден од столбовите на општествениот живот на градот Славонски Брод.

СКМ често се нарекува театар на тркала. Голем број гостувања, од Битола, Витез, Крагујевац, Бјеловар, Сињ, е една од значајните карактеристики на работата на театарскиот ансамбл. Втората секако е Аматерскиот театарски фестивал во организација на СКМ., и трето, во своето долгогодишно постоење, СКМ е местото од каде што 11 млади луѓе ги пронашле своите повици во животот и студирале или дипломирале на уметничките и театарските академии од Осиек, Загреб, Сплит до британскиот Лидс.

Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на повеќе значајни манифестации, иницијатор на потпишување на Меморандум за соработка помеѓу КИЦ Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит, организатор на турнејата на КУД Илинден во Хрватска, учесник на меѓународни конференции и семинари и сл.

 

 

 

 

 

Related Articles