Со гордост и возбуда Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, ја одбележува 80-годишнината од основањето. Овој значаен јубилеј е сведоштво за осум децении посветеност на културата, знаењето и љубовта кон книгата.
На свечената програма, присутните имаа можност да го слушнат инспиративното обраќање на м-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на Библиотеката. Настанот беше збогатен со прекрасно подготвено видео од учениците на Средното економско училиште „Јане Сандански“ – Битола, под менторство на професорката Христина Захариевска, што уште еднаш ја потврди успешната соработка меѓу библиотеката и образовните институции. Во знак на благодарност за нивниот труд, беа доделени признанија на учениците, професорката Христина Захариевска и директорката Билјана Јанкуловска. Беа објавени и најпосветените читатели во различни категории, на кои им беше доделено признание: Предучилишна категорија: Емил Стојаноски, Димитра Ѓеоргиева, Тамара Додовска,
Основно образование: Никола Ицоски, Огнен Никодиноски, Марија Јоновска,
Средно образование: Теодора Шопеска, Јована Јанева, Мартина Мојсовска,
Возрасни читатели: Жанета Тошеска, Емилија Дурлова, Марија Видановиќ,
Пензионери: Розитка Тодоровска, Славица Митковска, Мирјана Давкова.
Беа објавени и добитниците на наградата „Роднокраен автор за 2024 година“: Награда за животно дело: Петре Димовски, поезија: Зоран Пејковски, проза: Елизабета Јончиќ, перото на библиотекарството: Илче Стојановски. Во рамките на проектот „Библиотеката во фокус: филмови, приказни и искуства од заедницата“, поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, читателите ги споделија своите библиотечни приказни преку социјалните мрежи. Најуспешните приказни беа наградени, а добитници се: Софија Ѓакова, Николче Вишиноски, Ема Христова, Иво Котевски, Белинда Сипкоска Гаштарова, Марина Димковска Ангелевска.
„Ова признание е симбол на нашата почит кон нивното творештво, кое го збогатува културниот мозаик на заедницата“, истакнуваат од Битолската билбиотека. Посебна благодарност беше упатена и кон поранешните вработени, чиј труд остави траен печат во развојот на библиотеката.
Со овој настан, уште еднаш се потврдува дека Библиотеката останува место каде што книгите живеат, каде што се создаваат приказни и каде што љубовта кон читањето ги обединува генерациите.