По повод Денот на ослободувањето на градот, на посебна свеченост во Народниот театар во Битола, беа доделени четвртоноемвриските награди, согласно донесената одлука на Управниот одбор на Фондот за наградата „4-ти Ноември“. Свеченоста започна со проекција на краткото видео „Битола во срцето“ и македонската химна, во изведба на Игор Дурловски.
Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело за 2022 година, ја додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на Петар Ставрев – просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ – репортер, уредник, автор, хроничар на градот Битола, репрезент на Битола и урбана личност без која не може да се замисли животот на Широк Сокак. Наградата се доделува заради големи достигнувања од областа на новинарството, реализирани неверојатни проекти, интервјуа со голем број значајни личности, а меѓу нив како најзначаен е Милтон Манаки, а како новинар пишувал текстови за бројни весници. Голем придонес има и во областа на фото документирањето на настани, места и личности на Битола. Автор е на повеќе монографии, каталози, проспекти, на повеќе од 300 документарни филмови, добитник на наградите „Златна плакета“ и наградата од фестивалот „Камера 300“.
Петар Ставрев е и планинар кој го има искачено Монт Блант, а ги има искачено и највисоките балкански врвови. Дури и во 2022 година на 81 годишна возраст има реализирано повеќе проекти: издавање на написи, организирање на фото изложби, коавтор е на монографијата „76 години позитивни активности“, продолжи и со издавање на весникот „Занаетчија“ и весникот „Пензионер плус“, традиционално го фотодокументираше Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Битфест“, „Илинденски денови“ и сите останати настани од областа на спортот и културата во Битола.
Општинските награди „4 Ноември“ за 2022 година, ги додели Претседателката на Управниот одбор и претседател на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска на Благој Мицевски, Оливера Наковска Бикова, Сефедин Бајрамов, Божидар Божиновски (Моџо Калингтон), Д-р Маријан Бошевски.
Благој Мицевски, едногодишната награда ја доби, заради значајни постигнувања во областа на културата и уметноста. Во постковид година уметникот, реализирал исклучително многу проекти кои покрај личната афирмација го афирмираат и градот Битола и државата.
Изработил костими за следните претстави: „Идиот“, „Антигона“, „Цар Едип“, „Големиот Диктатор“, „Артуро Уи“ и „Хандке проект“. Избран е за насловен доцент на „Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип каде предава историја на костим и сценографија. Познат локален патриот, несебично поддржувал многу иницијативи и здруженија и скоро секогаш присутен на културните настани од секаков вид.
Оливера Наковска Бикова е наградена заради достигнувања во областа на спортот, постигнати резултати на меѓународната спортска сцена, за што е наградена со орден од Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски. Во меѓународната кариера учествувала на повеќе Параолимписки игри, во 2004 има освоено 6 место, во 2008 освоено 5 место, во 2012 освоено 1 место, 2016 освоено 4 место и 2020 освоено 6 место. Исто така, има освоено повеќе од 50 медали на Светски првенства, Европски првенства, Светски купови и други Меѓународни првенства. Во име на наградената, наградата и беше врачена на нејзината ќерка.Сефедин Бајрамов, е награден заради достигнувања во областа на музиката, интерпретатор на голем број песни и мелодии, постигнат посебен успех со исполнувањето на песната посветена на Ајри Демировски „Снагата ми е во Станбола, душата во Битола“. Во неговата 50 годишна кариера, Сефедин Бајрамов исполнува композиции од многу автори на музика, учествувал на бројни фестивали, манифестации од ревијален и хуманитарен карактер и добитник е на голем број на дипломи, признанија, благодарници.
Моџо Калингтон (Божидар Божиновски), е награден заради достигнувања во областа на литературата со неговото дело „Уништување“. Препознатлив по популарната комична емисија „Фчерашни новости“, работел како сценарист на серијата „Преспав“, автор на книгите „Аутопсија на љубовта“, „Денот кога не се разбудив“ и „Уништување“.
Доктор Марјан Бошевски, е награден заради достигнувања во областа на медицината. Завршил студии по интерна медицина односно кардиологија на Медицинскиот факултет Скопје, едукација за васкуларен ултразвук во Универзитетската болница во Гент, Бостонскиот универзитетски медицински центар, за тромбоза во клиниката Мајо, Рочестер и ехокардиографија во UCLA, Лос Анџелес и Медицинскиот универзитет во Виена. Вработен е во УК за кардиологија, бил раководител на Васкуларна лабараторија, моментално е во Одделението за воспалителни заболувања. Член е на уреднички одбори на прилози на МАНУ и Архиви на јавно здравје, член на работни групи за тромбоза, аорта и периферна васкуларна болест, полноправен член е на Европската академија на науки и уметност. Во моментот е претседател на Македонското здружение по кардиологија. Во 2021 и 2022 имал значајна публистика. Во име на наградениот, заради негови обврски оваа вечер, наградата ја прими негов претставник.Манифестацијата по повод доделувањето на наградите, во преполната сала на Народниот театар продолжи со музичко – сценскиот перформанс „Битола Бабам Битола“, во режија на Дејан Пројковски и музика на Оливер Јосифовски и Љубојна. Низ перформансот, присутните се потсетија на минатото на Битола, прошетаа низ битолските маала, детските игри, потсетувајќи се на значајните имиња од градската историја, како љубовната приказна на Кемал Ататурк и Елени Каринте, на делата на браќата Манаки, на Димитар Илиевски Мурато, Јонче Христовски, Ацо Стефановски…Пајтоните, шансоните и серенадите, традицијата на пиење кафе на Широк Сокак, беа неизоставен дел од перформансот одигран низ професионалната актерска игра на Петар Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Петар Горко, Никола Стефанов, придружувани од КУД „Илинден“ и песната на Вера Милошевска и „Љубојна“.
Во градот на ракометот кој одбележува 78 години од ослободувањето, „Битола Бабам Битола“, преку „радио преносот“ на Димче Миновски, ги врати сеќавањата на „Лемго“, на Пеце и Златко Димитровски, на Борец. Со громогласен аплауз, публиката ги поздрави сите учесници во перформансот, раскажувајќи дека во Битола, одамна не се случил ваков настан, за кој впечатоците долго ќе се раскажуваат.