Битола викендов беше сведок на најмасовниот детски спортски настан во градот досега. Над 900 деца од 4 до 12 години во различни возрасни категории си ги измерија силите на детската трка МИНИ ТРЧАЈ БЕ која се организираше по втор пат. Минатата година на инаугуративната трка учествуваа 380 учесници. Оваа година, тој број се зголеми речиси тројно, што ја одразува растечката популарност и влијанието на настанот. Децата се натпреваруваа во девет категории, трчајќи на растојанија меѓу 150 и 400 метри, олицетворувајќи го инспиративниот слоган на трката: „Мали чекори за големи соништа“. „Децата сакаат да трчаат, иако возрасните често велат: Не трчај! Викендов тие мали чекори се претворија во големи соништа на патеката, докажувајќи дека секое дете е суперхерој во создавање„ – изјави Никола Димитровски, визионерот зад реномираната битолска градска трка ТРЧАЈ БЕ која на 22 септември ќе го има своето шесто издание, а со воведувањето на детската трка како идеја плус на посетоечката, имаат за цел да се негуваат новите таленти. „Да не заборавиме што значи да се биде дете. Да им дадеме крилја и да ги поддржиме бидејќи тие се нашата иднината“ – истакна тој пред публиката која броеше над 2.000 посетители кои го окупираа градскиот парк од раните утрински часови. Детската трка имаше подолг период медиумска кампања изградена околу идејата дека секое дете е суперхерој и е способно да постигне големи работи со вистинско охрабрување. Организаторот со поддршка на Атлетската федерација на Македонија на 12 основни училишта од градот им подари опрема за атлетика и 50 учесници од социјално ранливи семејства селектирана од страна на училиштата добија шанса бесплатно да учествуваат. Примарната цел на детската трка е да се всади љубов кон физичката активност, да се постават лични цели и да се поттикне чувството на заедништво и достигнувања кај децата. Но и да го слави она што еден од најтрофејните атлетски клубови во Македонија со историски рекорди – АК ОЛИМП формиран во 1960год во Битола, а згаснат пред извесно време, беше возобновен токму од организаторите на ТРЧАЈ БЕ.
„Денес, новите спортски надежи на атлетиката од Битола никогаш не се враќаат од натпреварување без освоен подиум. Оттука детската трка е и замислена не само како натрпевар, туку како полигон за нови таленти и како прослава на нашите млади атлетичари и нивниот неограничен потенцијал. Сите победници на детската трка добија и бесплатно месечно членство во АК ОЛИМП“ – истакна организаторот.