Со концерт на светски познатите тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, во придружба на Оркестарот на Македонската опера и балет, а под диригентската палка на Лоренцо Бицари, вечер (12 јули) на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Алесандро Ди Акриса настапува во повеќе улоги во театри како Римската опера, театарот во Модена и Читавекија, театарот „Верди“ во Трст и др. Успешно ги доловува улогите на Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Неморино во „Љубовен напиток“, Бепе во „Палјачи“, Ернесто во „Дон Пасквале“ и др. Избран е од фондацијата „Лучијано Павароти“ да настапува во шоуто „Белканто- наследството на Павароти“ под диригентската палка на Пасквале Менчисе.
Федерико Сера дебитира во театарот „Доницети“ во Бергамо во 2014 година. Во 2015 година настапуваа со филхармонијата во Верона и следи негова богата концертна активност во повеќе различни театри.
Џовани Марија Палмија започнува да настапува како хорски уметник во различни хорови, по што следуваат и улоги во оперите „Адријана Лекуврер“, „Риголето“, „Набуко“, „Аида“, „Трубадур“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Вертер“, „Кармен“ и др. Во 2016 година дебитира во улогата на Карло Мур во операта „Бандити“ од Верди на фестивалот „Верди“ во Парма, по што го толкува Гастон во „Травијата“ во театарот во Болоња. Во „Риголето“ е Матео Борса во продукцијата на театарот „Реџо“ во Парма во режија на Пјер Луиџи Самаритани, а диригирана од Франческо Иван Чампа по повод 50-от роденден на Лео Нучи.
Уго Тарквини настапува на престижни оперски сцени како Арената во Верона, „Бољшој“ во Москва, операта во Мускат, Центарот за уметности во Сеул, Театарот во Парма и др.
Активно соработува со фондацијата „Лучијано Павароти“ под чија организација настапува на многу концерти меѓу кои отворањето на фестивалската сезона во Арена ди Верона, во театарот „Бољшој“ и во театарот „Рубен Дарио“ на прослави и концерти посветени на Павароти. Меѓу главните улоги кои ги изведува се: Родолофо во „Боеми“, Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Роберто во „Ле Вали“, Тамино во „Волшебната флејта“, главната улога во „Дон Карлос“, Дон Хозе во „Кармен“ и многу други.
Диригентот Лоренцо Бицари вниманието на критиката го привлекува откако станува еден од финалистите на натпреварот за диригенти во Сполето (2006) по што следат ангажмани со оркестрите во Модена, Ферара, Фиренца, Џенова, Парма и др. Од 1998 е диригент и уметнички раководител на хорот „Квадриклавио“ во Болоња, ансамбл специјализиран за изведба на сакрална музика. Долгогодишната соработка со овој хор на маестро Бицари му овозможува изведби на голем дел од сакралниот музички репертоар како што се мисите на Бах, Хајдн, Вивалди, Перголези, реквиемите на Моцарт, Верди и Фореи многу други. На оперската сцена диригира огромен број наслови, вклучително оние на големите италијански мајстори Верди, Пучини, Маскањи, Росини и др. Гостува во Романија и Бугарија, а уметнички раководител е на Парма Опера Арт и на оперскиот фестивал „Реџа ди Колорно“ во Парма.
Селектори на 62. „Охридско лето“ се Бисера Чадловска, диригент во Македонската Опера и Балет и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје.
На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на фестивалските сцени ќе бидат над 1000 уметници од 25 земји.