Home » Денес премиера на „Кислород“, претстава на Битолскиот театар

Денес премиера на „Кислород“, претстава на Битолскиот театар

by culturalchat

„Кислород“ е најновата претстава на Битолскиот театар, чија премиера ќе биде денес со почеток од 22 часот во Центарот за култура.

Претставата е работена според текстот на Иван Вирипаев, а во режија на Иван Јерчиќ кој ја постави и сценографијата. Играат Викторија Степановска – Јанкуловска и Никола Стефанов.

Вирипаев е современ драмски писател, режисер, сценарист, активен од средината на 90-тите години на 20 век. Добитник е на многу руски и меѓународни награди за театарска уметност, меѓу кои се и германската награда за Најдобар драматург во 2009 година и Човек на годината во Полска во 2010 година. За драмите „Пијани“ и „Илузии“ доделена му е наградата Олег Табаков, „за талентираното и тврдоглаво прикажување на нашиот живот во нови драмски облици.“

Вирипаев подвлекува дека во театарската уметност, поважна е енергијата која се пренесува на публиката отколку изборот на темите, затоа што одлично напишаната драма може да остави лош впечаток кај гледачите и да ги извлече од салата уште пред крајот, а енергијата со која се заразува салата може да направи успех дури и од аматерска претстава. Иако неупатениот читател може да помисли дека претставите на Вирипаев се весели, лесни и површни, сепак претставите „Кислород“, „Градот во којшто сум јас“, „Илузии“, „Соништа“, „Пијани“, се занимаваат со потрагата на современите личности по одговорите на вечните прашања.

Костимографијата е на Марта Дојчиновска, авторската музика и избор на музика на Александар Димовски, шминка и фризура Стефанија Стојчевска, видео материјали Марјан Ѓеорѓиевски, снимател Сашо Илковски, видео оператор Владимир Переловски . Гостин во видеото Марјан Наумов.

Фотографии: Stisnijovski photography.

 

 

 

 

Related Articles