„На кино па Олабај“ продолжува со промоција на книга, фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ. Промоторка на истата ќе биде Наде Геневска-Брачиќ, етнолог и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, воедно и авторка на едниот предговор во книгата.
Модераторка на настанот ќе биде уредничката Бисера Бендевска. Книгата ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Повикувајќи се на големите студии на проф. д-р Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на д-р Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата .
Олабај е битолски бренд чиј фокус и оваа година е поврзување на локалната заедница и независната културна сцена со меѓународните културни настани и фестивали.