Home » „Декамерон“ на Мартин Кочовски изведена на Охридско лето

„Декамерон“ на Мартин Кочовски изведена на Охридско лето

by culturalchat

Во рамките на драмската програма на 63. издание на „Охридско лето“, ансамблот на  театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, ја изведе претставата „Декамерон“,  од Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски. Претставата се одигра на сцената на Долни Сарај.

Драматизацијата на претставата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е.

Специфичната природа на односи која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста.

Со изведбата на претставата “Декамерон”,во режија на Мартин Кочовски, се одбележа  73 годишното постоење на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

До крајот на годинешното 63-то издание,  драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе понуди уште две театарски претстави,  „Нора“ од Хенрик Ибзен во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на МГЛ  Градски театар Љубљана од Словенија, како и претставата „Лагата“ од  Флориан Зелер во режија на Никола Љуца што на свеченото свеченото затворање ќе ја одиграат актерите од Драмски театар Белград, Србија.

 

 

 

 

Related Articles