Со претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје започна 48. издание на Млад отворен театар – МОТ. На програмата на годинешното издание, што ќе се одржува до 18 ноември, има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас-предавања.
„Декамерон“ е претстава полна живот. За жал, секојдневието не е.
„Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството што сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството, нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста“, вели Кочовски.
Драматизацијата на претставата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска. Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.
Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста.Со изведбата на претставата “Декамерон”,во режија на Мартин Кочовски, се одбележа 73 годишното постоење на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.
Во програмата на МОТ оваа година се:„Браќа Карамазови“, во режија на Оливер Фрљиќ на „Загребско казалиште младих“ – ЗКМ од Хрвстаска, „Омаж за Каталин Ладик“ од театарот од Словенија, во режија на Ирена З. Томажин, Јуле Флирл.
Како дел од ова програма, меѓудругото, премиера ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата „Биш“ – „Артопиа“ и „Хибрид“. Исто така, ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на „ErosAntEros“ од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA-програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.
Од 16. до 18. ноември, на сцената во Железничката зграда во Скопје ќе биде претставен перформансот/театарската инсталација во три дела „Градот како сцена II – приказна за шетачот“ на Филип Јовановски. На 17. ноември ќе се изведе претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.
Мастерклас ќе одржи долгогодишниот продуцент и менаџер за турнеи на Словенечкото младинско гледалишче од Љубљана Душан Пернат, насловен „Скриената улога на продуцентот“. Како дел од придружната програма е промоцијата на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојаноска, работилницата на режисерот Мираз Метин, а во соработка со „Локомотива“ од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува / Дијалог кој недостасува“.
МОТ и оваа година ќе ја доделува наградата „Биш“, како дел од заложбите на фестивалот за поддршка и промоција на домашната независна сцена.