Крајот на оперската сезона во Риека донесе уште едно збогатување на репертоарот во Хрватска. Хрватскиот народен театар смело ја постави „Пиковата дама“ на Чајковски како последна премиера оваа сезона. По големите репертоарски потфати, на ред дојде операта на Чајковски во комбинација на раскошен симфонизам со музичка драма од словенски тип. „Пиковата дама“ е опера во три чина на заснована на руско либрето, базирана на истоимената новела на Александар Пушкин од 1834 година. Битолчанецот оперскиот пејач Давор Неќак заедно со Роберт Колар наизменично ја играат улогата на грофот Јелецки.
Старата грофица, позната како Пиковата дама поради нејзината страст за коцкање, со сопствениот живот ја чува тајната на трите карти кои ветуваат големи добивки, но можат да донесат и целосна катастрофа. Операта е во режија на Кристијан Романовски и Дуња Вејзовиќ, која настапува во улогата на Пиковата дама. Режисерското дуо ги надгледуваше сите детали од продукцијата и реализацијата на минималистичката сценографија и високостилизираните костими според руската мода од 19 век, во кои можевме да ја препознаеме хармонијата и префинетоста на делото на Мануела Паладин Шабановиќ.Како и да е, тоа е уникатна изведба од стар тип, освежена со современа експресивност на формата, светлината и боите и динамиката на настаните.
Во останатите улоги се Иван Момиров, Лиза Маријана Мартиросјан, Агнес Торштајн, Лука Ортар, Боже Јуришиќ Пешиќ , Марко Фортунато Дарио Дуганџиќ, Славко Секулиќ, Сергеј Киселев, Емилија Рукавина, Софија Цингула, Габријела Деглин, Џулија Диомед и Карла Мацароли и актерите Јасмин Мекиќ и Јелена Лопатиќ.
Покрај симфонискиот оркестар од Риека и хорот на операта, учествуваат и детскиот хор и балетскиот ансамбл на Хрватскиот народен театар. Сценографијата е на Кристијан Романовски, дизајнот на светлото на Далибор Фугошиќ, а кореографијата и сценското движење на Јане Боере. Диригент е германскиот маестро Валентин Егел.
Првата изведба на оваа опера беше на 6 мај 1950 година, под диригентство на Станко Шимуниќ, а во режија на Јурислав Корениќ. Концертната изведба на се одржа на 28 мај и 19 јули 1976 година, а на 12 јули истата година беше изведена и на Оперскиот фестивал во Опатија пред 2.500 гледачи.