„Нештата кои најмалку очекуваш дека ќе се случат се едни од поубавите и послатките. Некои луѓе несакајќи ќе се впуштат во еден непознат свет со илјадници препреки, изненадувања,успеси, потешкотии но сите тие работи се едно големо искуство за самата личност. Јас несвесно се впуштив во еден музички свет каде што има милион препреки,но знам дека секоја една од нив ќе ја надмина со многу труд, љубов и многу волја. Постепено чекориме кон еден голем успех,успех каде што е потребна голема поддршка од оние кои секогаш се покрај тебе и јас таа поддршка ја имам. Повторно по втор пат на истата сцена,истата личност,но различна песна заблескаа на молдавската сцена пред илјадници учесници,пред многубројна публика во салата и покрај малите екрани. Гордо се претставив јас и земјата во која живеам. Се борев за она кое го заслужувам и за она кое навистина треба да го добијам“, ова го изјави 16 годишната Теодора Мицеска која ја претставуваше Македонија на меѓународниот фестивал во Молдавија кој оваа година се одржа во главниот град Кишинев во периодот од 27-31 октомври. Мицеска од фестивалот се врати со највисоката награда GRAND PRIX за изведбата на македонската „Јано мори“. На самиот натпревар има повеќе категории (естрада, фолклор, балади ,поп, џез, кореографии, гимнастика, уметност од секој вид). Теодора учествуваше во категоријата фолклорна музика и заслужено си ја зеде најубава награда на фестивалот.
За учеството на фестивалот ни изјави: „ Добив покана од самиот организатор на фестивалот. Во 2019 за прв пат учествував на молдавската музичка сцена и тоа за мене беше едно големо незаборавно искуство кое ми остави силен впечаток во моето срце и таа година Македонија си замина со победа/ GRAND PRIX со песната ” Ој ти пиле” . Оваа година ме поттикна големиот број на учесници повторно да се пријавам на истиот фестивал и умешно да се борам за најдоброто“.
За изборот на песната ни рече: „ Оваа година настапив со наша и една од поубавите македонски песни “Јано мори”. Песната од мала премногу ја фаворизирав и сонував еден ден да ја пеам на некоја голема сцена пред илјадници луѓе,тоа и се случи. Самата песна ми буди прекрасни и посебни емоции во мене,можам да кажам дека оваа е една од потешките песни што сум ја пеела до сега“.
Какво искуство е ова за тебе?
Т.М.- Пред се позитивно, и едно незаборавно искуство. Искушение подложно на возбуда и морам да признаам малку стрес, но задоволството да се искуси нешто вакво не е доволно да се опише само во неколку реченици.
Што ти значат наградите ?
Т.М.- Наградата е само доказ за сите искри,за незаборавните дружења,за прекрасното изминато време,доказ за успех и среќа. Поголемиот дел од наградите се први места и Grand Prix.
Ја запрашавме какво е чувството да се претствува Македонија на еден ваков настан?
„ Немам соодветни зборови со кое можам да го опишам тоа чувство. На една таква сцена каде што има учесници скоро од целиот свет, а во тие земји е и твојата…емоции до бескрај,душата исполнета со љубов,среќа и радост, лицето блика од среќа. Тоа чувство е нереално просто и неописливо“.
Теодора Мицеска учи во Средното академско училиште за бизнис и администрација (САБА). Завршила и нижо музичко отсек виолина. „ Голема благодарност до најголемата поддршка од моите родители. Најголемо благодарам за моите ментори Катја Михелкис и Ласко Атанасов кои се заслужни за моите успеси. Голема благодарност и до КУД ИЛИНДЕН – Битола, за прекрасната носија“, рече Мицеска.
Од нејзиното училиште САБА истакнаа: „Нашата гордост, Теодора Мицеска, го понесе златото на Меѓународниот фестивал на кој учествуваше во категоријата фоклорна музика. Теодора, ти ја посакуваме целата среќа на светот. Претставувај го овој народ на сите континенти, те сакаме“.
Оваа година на меѓународниот фестивал имало учесници од Романија, Украина,Русија, Бугарија,Косово, Албанија, Белорусија,Полска. Теодора во 2019 година во истото место настапи со песната ” Ој ти пиле” и Македонија повторно беше на пиедесталот, повторно Теодора ја претстави во најдобро светло и се врати со награда. Има учествувано и на други фестивали надвор од Македонија- Бугарија,Грција, Романија,Молдавија,Израел ,Италија, Украина,Русија и секогаш се враќала со први места и Grand Prix.