Битола се сака со срце и со душа, но најмногу се сака со дела. Доказ за ова е и преработката на химната на Чкембарите “Птицо Моја“ од страна на битолчанецот Горан Мицевски – Кус, кој со огромна љубов и почит кон навивачката група, кон неговата родна Битола и кон споменот на Атанас Смилков – Кенан, ја преработи песната и ја подари на градот, на сите навивачи, на сите Битолчани.
Оваа химна ќе остане и за идните поколенија како дело и подарок од душата на вистинските битолчани.
„Сите почетоци се тешки. Но, кога тргнуваш да градиш нешто со љубов, кога ги поставуваш темелите на нешто што треба да трае, секој го дава најдоброто од себе за иднината на својот град. Кога Чкембарите ја започнуваа својата приказна, единствениот Атанас Смилков – Кенан ја направи „Птицо моја“ (како преработка на песната Били Цвитак од Јура Стублич и групата Филм) и таа стана дел од секој нивен настап на трибините прифаќајки ја како своја химна“, ни изјави Горан.
Преработката на химната на Чкембари не е само обработка на мелодијата.
„Тоа е обнова на ветувањето дека ќе стоиме нераскинливо до крајот, со истата страст, истата верба, истата љубов која секој Битолчанец ја носи во себе од своето раѓање и безрезервно ја дава на својот град“, додава Мицевски.
Во реализацијата на новата верзија на химната, покрај Горан Мицевски – Кус вклучени се и членовите на бендот Brass Brothers: Пере Мелов – труба; Костадин Бетоф- Саксофон;Ник Де Карло-туба, Јован Мартиновски – Dj и поддршка како и Благоја Василевски – хорна. Моќниот вокал кој ја изведува химната е на Драган Микаровски. За новата верзија на химната изработен е и видео запис со помош и поддршка на подмладокот на Чкембарите – Петар Басар (Јунакот со бајракот во видеото), Ѓорѓи Дамјановски, Владимир Ацковски, Петар Тодоровски, Димитар Атанасовски и Димитриј Наумовски зад кој се потпишува Владич Бошковски.
Како поддржувач на овој проект, со финансиска помош се јавува и Општина Битола. Во срцето на Битола, таму каде што секој дух се раѓа со страст и гордост, живее една приказна обвиена со непоколеблива верба и локален патриотизам. Од 1985 година, Чкембари се повеќе од навивачка група – тие се звукот и ехото на Битола, бренд на градот. Во текот на годините, гледавме како се менува се околу нас, но нивната љубов кон градот остана непроменета, силна и тврда како карпите на Пелистер.
За крај Горан ни рече:
„ Да живеат Чкембари, да живее Битола! Нека нашата химна одекнува во ушите на идните поколенија, како вечен знак на нашето посветено срце и душа кон оваа навивачка група, кон нашиот град, кон нашето наследство. Заедно сме посилни. Заедно сме непобедливи“.
Линкот од песната во продолжение.