Home » Галерија на фотографии:Битола лулка на детскиот театар, заврши 13. Битолино

Галерија на фотографии:Битола лулка на детскиот театар, заврши 13. Битолино

by culturalchat

Со претставите „2-квадратни метри“ од Унгарија и „Воздух“ од Словачка заврши тринаесеттото издание на ИДТФ „Битолино“. Битолската публика уживаше во претставите дел од годинешното издание на фестивалот кое оваа година се одвиваше под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“. Гран-при наградата отиде за претставата „Големото езеро“ од Португалија во продукција на Imaginar do Gigante.Стручното жири беше во состав, претседател Милан Пајиќ, дипломиран актер од Србија, режисерите Драгана Милошевски-Попова и Благојче Божиновски.

„Претставата ги содржи сите елементи и ги исполнува сите критериуму на современиот театар за деца. Уникатно возбудлива, разиграна, со комбинација на театар на сенки и објекти но и драматургија која испраќа силна порака, важна и суштинска, која нѐ опоменува и нѐ потсетува на одговорноста која ја имаме преку интеракција и совршена комуникација со публиката. Жирито одлуката ја донесе едногласно“, истакна во образложението, претседателот на жири комисијата Пајиќ.Претставата од Португалија на публиката и понуди една фантастична визуелизација на многу актуелна тема. На Северниот Пол, боите се здружуваат на небото формирајќи огромно бело ќебе. Мајката мечка и нејзиното малечко си играат и долго нуркаат во замрзнатото море. Потоа ги сушат алиштата на студот и одат дома да направат вечера. Но, со секој изминат ден градовите стигнуваат се поблиску и ги одмрзнуваат домовите. Мајката мечка и нејзиното младенче си заминуваат. Каде? Тоа е она што ќе го дознаеме. Глобалното затоплување и загадувањето на морето станаа еден од најголемите проблеми на Земјата. Врз основа на приказната за семејство на поларни мечки, португалскиот театар на публиката ќе му претстави едно уметничко дело за животната средина, со манипулација со предмети, кукли и проектирани сенки.Imaginar do Gigante е креативна структура која обезбедува услуги од областа на уметноста и културата. Изведувачките уметности, современи дела за деца и издаваштво на книги за читање се главните области на активност на овој театар. Нивната примарна работа е да истражуваат нови креативни процеси, од текстови до нови слики, во областа на театарската естетика за деца. Креативците во овој театар веруваат во детската уметничка лабораторија и во потрагата по уметничка естетика која може да се осврне на основите на слободата, на нашето најголемо богатство имагинација. Проучувањето на новите естетски, еколошки и технолошки модалитети, хибридни и извонредни, можат да го трансформираат она што го нарекуваме дете на иднината. Тимот во овој проект работеше со деца на различни локации во Португалија, Сао Томе и Принсипе, Мали, Гвинеја-Бисао, Мозамбик и други земји. Со својата работа придонесуваат за подобрување на уметничкото образование и системот за обука за театар, како и зближување на децата од современите изведувачки уметности. Amaginar do Gigante е поддржан од Генералниот директорат за уметности, член на мрежата Descampado Artis tas Associados и член на ASSITEJ.Оваа година за време на Фестивалот во Битола се одржуваше и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што Битолино ја продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Фестивалот се одржуваше на сцените на НУ. Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција, беа на сцената на НУ. Народен театар Битола. ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно беше проект од национален интерес во културата за 2024 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2024 и составен дел од програмата на Битфест 2024.

Фотографии: Ивона Кочов

 

 

Related Articles