Последната вечер на Локум фест беше резервирана за Старата битолска Чаршија каде се случуваше фестивалското „крешендо“. Покрај пешачката улица крај Драгорот, посетителите имаа можност да погледнат ракотворби, да се засладат со локуми, турско кафе, добра храна и радост, а воедно уживаа во мајсторијата на Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“, славејќи ја ромската култура.
Токму во Старата чаршија во 2007 та година, започна балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција“. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречекаат соседот, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба меѓу културите. Всушност, една од главните функции на фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, „fusion“, „world music“) да се покажат целиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.
Ансамблот „Јужни ѕвезди“ и Вевки Амедов ја промовираа македонската и ромската музика на задоволство на многубројните присутни кои воодушевени од настапот на овие витруози од битолскиот Баир, повеќе пати ги вратија на бис.
Многумина ќе ја наречат ноќ за паметење, ќе ја раскажуваат и со себе ќе понесат спомени кои ќе се пренесуваат од генерација на генерација, градејќи го митот за Битола, онаква каква што ја сакаме.
“Гостите се пакуваат, се испраќаме со добри желби и нови идеи, а нам како на организатори ни останува радоста дека ја постигнавме посакуваната цел- одлична програма и задоволна публика. Токму тоа ни дава морална сила да размислуваме за осумнаесетото издание на Локум фест, кога фестивалот станува полнолетен. Им благодариме на сите оние кои на било кој начин ја поддржуваат оваа традиционална манифестација, а најмногу на битолчани чија насмевка и воодушевување од концертите беше наша најголема награда. Традицијата е жива, Битола е жива! Да сме здрави и живи, се гледаме идната година на Локум фест 2024“, изјавија организаторите.
Концертот се реализираше како дел од културните настани за промоција на ромската култура во рамките на проектот БАИР – „Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“, финансиран од Европската делегација, имплементиран од италијанската невледина организација-COSV, Општина Битола и ПРЕДА плус Фондацијата.