„Да се биде (DIT – digital imaging technician) техничар на дигитална слика, e уникатно искуство. Да се работи на целата таа подготовката пред да се снима филмот е тешко, но импресивно. Би го направил истото пак, но сигурен сум дека нема да е толку предизвикувачки и фасцинантно во исто време, како ова искуство“, ова го кажа Кжиштоф Влодарчик, DIT на полскиот филм „Зона на интерес“, на Џонатан Глејзер кој беше прикажан во главната селекција на Фестивалот Браќа Манаки. Тој во киното Манаки во Битола презентираше што се случувало зад сцената како и во периодот на подготовки пред да започне снимањето на овој извонреден филм.
„Режисерот сакаше целиот филм да се снима со природна светлина, односно да се користи природната светлина што ја има ноќе и онаа преку ден. Во еден ваков проект важно е каков избор на опрема ќе направите. Избравме 10 SONY Venice камери, ни требаа повеќе камери. Во куќата во која снимавме, знаевме дека имаме ограничен простор за камерите, за екипата што работи на снимање на филмот, па моравме да обезбедиме мали камери. Куќата во која снимавме, моравме да знаеме колкава е, за да видиме со каков простор располагаме. При снимањето на овој филм немаше филмска екипа на сет, каде што актерот снима“, рече Влодарчик.
Тој кажа дека била важна големината на уредите кои ги користат за време на снимање на филмот. Важно било камерите да се што е можно помали, за полесно да можат да бидат скриени, со цел да не ги дефокусираат актерите. Идејата на режисерот на филмот не била да се сечат кадри и да се повторуваат сцени. Затоа на крајот имало многу снимен материјал, околу 400 терабајти (0,6 петабајт).
За потребите на филмот, ноќе била користена термовижн камера, која е многу специфична. Таа била адаптирана за филмска употреба, бидејќи примарно, не е наменета за снимање филмови. Тоа искуство за екипата шо снимала било лесно искуство, но за оние во постпродукција, било предизвикувачки.
Влодарчик кажа дека камерите на SONY завршиле добра работа, со оглед на тоа дека дневната светлина се менува во текот на денот. Тој прикажа фотографии од снимањето на филмот, на кои се гледа како на автомобил, се монтирани неколку камери спремни за снимање на сет, а тоа е можно бидејќи се мали и може да се монтираат и употребат на исто место наеднаш.
Инаку, директор на фотографија на филмот „Зона на интерес“ е Лукаш Жал, полски кинематографер, познат по филмот „Студена војна“ (2018), што му донесе номинација за Оскар, награда на Американското здружение на кинематографи (ASC) за извонредни достигнувања во кинематографијата во театарски изданија и номинација за БАФТА. Покрај овој филм, тој е автор и на филмот „Ида“ (2014, номинација за Оскар, награда на ASC Рефлектор/Spotlight, награда за најдобар европски кинематографер на ЕФА и номинација за БАФТА).