Премиерата на Росиниевото дело „Севиљскиот бербер“ ја воодушеви преполната сала во ХНК Сплит, потврдувајќи уште еднаш зошто оваа опера е едно од најомилените дела во оперскиот репертоар. Под водство на маестро, диригентот Иван Хут, а во режија на Крешимир Доленчиќ, своето деби во улогата на Фигаро, ја имаше битолчанецот, баритонот Давор Неќак.
„Се чувствувам одлично, „липо“, возбудено и среќно после премиерата. Фигаро е улога која секој млад баритон ја посакува, всушност би се осмелил да кажам дека таа е првата “круна” во кариерата на баритонот. Напишана е доста високо која ја прави технички комплицирана, а посебен предизвик е да ја пеете можеби најпознатата арија на светот – Ларго ал фактотум“, ни изјави Давор.
Имале само две недели проби, но со одлична и детална припрема пред првата проба, и прекрасни професионалци кои му помогнале да напредува во улогата, успеал заедно со колегите да ја постават целата претстава.
Росини не е само еден од најпочитуваните италијански и светски оперски композитори, кој создавал со моцартова леснотија и брзина, туку е и автор токму на најпопуларната комична опера на сите времиња – „Севиљскиот бербер“. Неговиот неисцрпен извор на мелодиска инвенција го промени оперскиот свет, и ако на тоа ја додадеме неговата постојана ритмичка живост, зачудувачка оркестрација, не е ни чудо што ужива во два века популарност. Следната изведба со Неќак во улогата на Фигаро е на 16.март. Погледнете како изгледаше атмосферата на премиерата, преку фото галеријата на Марио Буличиќ.




