Во ДЛУБ вечер ќе биде презентирана изложбата „За послушноста“ на Перо Кованцалиев . Тој е мултидисциплинарен уметник чие творештво е поттикнато од идејата да се влијае на големите наративи со ликовни интервенции и дела потикнувајќи промени за одржлив развој, нагласувајќи ја притоа и потребата да се земаат во предвид последиците од нашите постапки. Работи низ скулптура, уметнички инсталации и кинетика, видео и фотографија, сликарство и експериментален цртеж. Има реализирано над петнаесет самостојни изложби и учествувано на многубројни групни изложби. Добитник е на наградата „Боро Митриќески“ за 2020 година.
Член а ДЛУМ, ИКОМ, ДЛУБ, ДЛУГ, ММЦГ.
1982 Роден во Гевгелија, живее и работи во Скопје, Р. Македонија
2006 Дипломира на УКИМ, Факултет за ликовниуметности – Скопје оддел – Вајарство
2018 Завршени постдипломски студии на УКИМ, Факултет за ликовни уметности – Скопје оддел –Вајарство
Работи како самостоен ликовен уметник, скулптор, графички дизајнер, конзерватор и реставратор.
„Со оваа изложба авторот го разгледува она човеково однесување на кое се должи формирањето на секое негово групирање од фамилијата до државите и без кое не би преживеела ниедна социјална структура. Послушноста е предиспозиција за разните форми на владеење, фундаментот за формирањето на модерните држави, но и причина за тоталитаристичките идеологии. Таа е фактор од чие толкување зависи индивидуалната слобода, но може да не однесе и до уништување на другиот, според заклучоците од Милиграмовиот експеримент. Авторот за своите дела симболично го зема увото како основен елемент и орган преку кој непосредно навлегува присуството на другиот. Овој анатомски фрагмент е изведен од повеќе материјали и се појавува групиран во разновдни форми, често без центар и насока, како неопределена маса подготвена да биде моделирана од современите потреби. Увото не е единствено центар за слух туку и за рамнотежа. Послушноста е врската која балансира помеѓу редот и хаосот, помеѓу страстите и рационалноста“, истакнува Васко Ѓоргиев, претседател на Длуб.