Охридската публика беше сведок на концерт што ќе остане длабоко врежан во фестивалската меморија. Во рамките на Италијанската вечер, на сцената на „Охридско лето“ настапи реномираниот Филхармониски оркестар на театарот во Болоња, под водство на Роберто Абадо, заедно со маестро Давиде Алоња – солист на виолина.
Во извонреден спој на техничка прецизност, елеганција и чиста страст, оркестарот ја донесе силата на италијанската симфониска традиција, а Алоња, свирејќи на виолина на Страдивариус од 1690 година, ја претвори вечерта во вистински музички ритуал. Публиката препозна не само мајсторство, туку и длабоко музичко доживување, концерт што со гордост може да се мери со најголемите европски фестивалски сцени.Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња, притоа гарантирајќи неприкосновен уметнички квалитет. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња и истиот ваков оркестар кој дејствува во рамките на Миланската „Скала“, се единствени два ансамбли во Италија од овој вид. Уште од неговото основање, овој филхармониски оркестар внимателно ја одбира програмата која ја претставува во аудиториумот „Манцони“, па така тие прават серија оркестарски циклуси на кои го изведуваат симфонискиот опус на Сергеј Рахмањинов, Лудвиг ван Бетовен и Петар Илич Чајковски. Со оркестарот настапуваат звучни музички имиња како пијанистите: Иво Погорелиќ, Филип Ентремон, Александар Лонквих, Лилја Зилберштајн, Анџела Хјуит, Луи Лорти, Данил Трифонов, Александара Романовски, Александар Малофеев и Бенедето Лупо; виолинистите: Гидон Керемер, Сара Чанг, Јулиан Рахлин, Сергеј Крилов, Баиба Скриде, Ана Тифу и Марк Бучков; челистите: Миша Мајски, Давид Герингас и Киан Солтани, под диригентските палки на сер Невил Маринер, Герд Албрехт, Михаил Плетњов, Александер Ведерников, Габор Такач-Наги, Пол Гудвин, Азиз Шохахимов и Микеле Мариоти. Од 2014 до 2019 година оркестарот секоја година остварува турнеи во Јапонија настапувајќи во Токискиот „Сантори Хол“ и „Орчард хол“. Од 2022 година шеф диригент на оркестарот е Роберто Абадо, и од тогаш започнува ново и значајно поглавје за овој оркестар. Меѓу другото, оркестарот настапува на престижниот фестивал „Жорж Енеску“ во Букурешт, како и на Фестивалот „Амиата“ во Италија.
Покрај редовните концерти, оркестарот особено внимание посветува на камерната музика, настапувајќи во палатата „Капрара Монпенсиер“, и настојува преку соработка со општинските власти на Болоња да ја шири музиката и надвор од централните градски подрачја. Снимките кои досега ги остварува Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња издадени од престижниот „Дојче Грамофон“ се високо оценети од стручната критика и му ја носат на оркестарот наградата „ЕХО“ за најдобри изданија во категоријата класична музика во 2009 и 2013 година.