Home » Битолчанката Гордана Такец со интернационално признание во Рим

Битолчанката Гордана Такец со интернационално признание во Рим

by culturalchat

Писателката и основач на фондацијата „Такец“, др.Гордана Такец во Рим ја доби наградата Премиум специјале, за високи меѓународни остварувања во областа на културата и книжевноста и како автор на литературни дела со трајна вредност, на третото издание на манифестацијата „DivinaMente Donna“, во организација на здружението за култура VerbumlandiArt, чиј основач и претседател е Регина Реста. Ова здружение ужива голема почит во Италија и има поддршка и од италијанската влада и од други италијански политички, верски и културни институции.Настанот се одржа во Сенатот на Италија и во Палатата Јустинијан каде беа доделени врвните меѓународни награди. Високото признание битолчанката Такец го доби за долгогодишната несебична работа во областа на културата и нејзиниот придонес во македонската култура и уметност и промоција на поети, како и организирање на бројни книжевни фестивали. Заедно со Такец, на манифестацијата беше и нејзиниот син, Игор Трајковски Фоја кој исто така беше награден со Меѓународната награда за извонредност. Овие награди и признанија се доделуваат на истакнати луѓе од јавниот,општествениот и културниот живот на земјата домаќин и Балканот и претставуваат понатамошна инспирација во уметничкото, професионалното и лично патување на секој поединец.Гордана целиот свој живот го посвети на науката, професионалното усовршување и работата, а слободното време го посветува на литературата и промовирањето на поетите и поезијата. Потекнува од семејство на интелектуалци каде се негувале уметноста, музиката и сликарството. Нејзиниот татко беше доајенот на македонското новинарство, познат публицист, композитор, музичар, сликар, писател, есеист, поет, ТВ режисер, драматург, Димитар Димитровски Такец, кој остави големо интелектуално наследство.Од љубов и почит кон нејзиниот татко, таа ја основаше фондацијата која промовира култура, поети и поезија. Дипломирала на Правниот факултет во Македонија, магистерски и докторски студии во Москва и Киев. Докторирала на Катедрата за дипломатија и меѓународно право и на катедрата за психологија. 4 години беше професорка по психологија во Киев на престижниот Универзитет.Работела како телевизиска новинарка во Македонија, како универзитетски професор во Македонија и Киев. Посебно треба да се нагласи дека таа беше познат и одличен адвокат. Денес е почесен доктор на науки на Европскиот институт за човекови права и визитинг професор на истиот Институт. Има нашишано 19 научни трудови, над 30 романи, книги поезија, меѓународни антологии, организира културно-уметнички настани, слика и пишува. Таа е автор на романите: Балканот е валкан, Водка и гитара, Јас сум безвремена жена, Хемија,  Љубов со големо Љ, Јасмин, Јас сум Такец и други. Оваа година Гордана Такец ни откри дека веќе подготвува неколку романи за печатење на кои подолго време работела.

 

Related Articles