Home » Битолчанката Гордана Такец со интернационално признание во Рим

Битолчанката Гордана Такец со интернационално признание во Рим

by culturalchat

Писателката и основач на фондацијата „Такец“, др.Гордана Такец е добитник на меѓународната почесна награда „CITTA DEL GALATEO-ANTONIO DE FERRARIS“ за оригиналност во странската култура, која и беше доделена во Рим. Таа беше единствен претставник од Македонија. Наградата ја доделува здружението VerbumlandiArt-Aps Society, чиј основач и претседател е Регина Реста, а ко-основач и близок соработник Мирјана Добрила Романело, писателка, преведувач и хуманист со хрватски корени. Ова беше lX издание на престижниот фестивал во Рим во организација на реномираното  и афирмирано здружение.

Друштвото VerbumlandiArt-Aps ужива голема почит во Италија и има поддршка и од италијанската влада и од други италијански политички, верски и културни институции. Наградите беа доделени во палатата Данте Алигиери во Рим. Ова високо признание битолчанката Такец го доби за долгогодишната несебична работа во областа на културата и нејзиниот придонес во македонската култура и уметност и промоција на поети, како и организирање на бројни фестивали.За Гордана Такец писателката Гордана Сариќ ќе каже: „Таа го сака животот, сака љубов, сака се што е убаво, сака луѓе“.Гордана целиот свој живот го посвети на науката, професионалното усовршување и работата, а слободното време го посветува на литературата и промовирањето на поетите и поезијата.

Потекнува од семејство на интелектуалци каде се негувале уметноста, музиката и сликарството. Нејзиниот татко беше доајенот на македонското новинарство, познат публицист, композитор, музичар, сликар, писател, есеист, поет, ТВ режисер, драматург, Димитар Димитровски Такец, кој остави големо интелектуално наследство.

Од љубов и почит кон нејзиниот татко, таа ја основаше фондацијата која промовира култура, поети и поезија.Дипломирала на Правниот факултет во Македонија, магистерски и докторски студии во Москва и Киев. Докторирала на Катедрата за дипломатија и меѓународно право и на катедрата за психологија. 4 години беше професорка по психологија во Киев на престижниот Универзитет.Работела како ТВ. новинарка во Македонија, како универзитетски професор во Македонија и Киев. Посебно треба да се нагласи дека таа беше познат и одличен адвокат.Денес е почесен доктор на науки на Европскиот институт за човекови права и визитинг професор на истиот Институт. Гордана напиша 19 научни трудови, 27 романи, 9 книги поезија, објави 12 меѓународни антологии, организира културно-уметнички настани, слика и пишува. Таа е автор на романите: Балканот е валкан, Водка и гитара, Јас сум безвремена жена, Хемија,  Љубов со големо Љ, Јасмин, Јас сум Такец и други.

Има и голем број песни, збирки поезија, но таа повеќе сака романи. За наградата во Рим ни изјави: Г.Т.- Оваа награда што сега ми е доделена е највисоката награда и титула која се доделува на основа на севкупните резултати коу тоа здружение будно ги прати а се однесува на трудот, влогот и залагањата кои една личност ги прави во и за културата. Значи тоа е награда за највисоки дострели и успеси во областа на културата за 2022. Наградата ме изненади. Многу. Немав аплицирано со свој труд. Немав испратено свое барање. Ја добив после нивната обемна оценка на она што го правам последните 10 години и се она што е дел од мојот целосен ангажман сите изминати години.

Што истата значи за Вас?

Г.Т- Наградата за мене  е врвно признание.Поголемо неможам ни да очекувам. Вредно признание и голема сатисфакција. И еден своевиден доказ дека се’ она што сум сторила, било забележено  и вреднувано. Единствено јас од Македонија ја имам добиено оваа награда. Се имаше во вид  мојата ангажираност , подготовка и реализација на над 100 поетски манифестации, литературни фестивали, отпечатени 14 меѓународни антологии за време на пандемискиот период, мојот творечки опус, па на покана од госпоѓата Реџина Реста, претседател на организацијата VERBUMLANDIART отидов во Рим сметајки дека ќе бидам почесен гостин.Ништо повеќе. Кога претседателот на жирито, господинот Камелини го прочита моето име изненадувањето беше огромно.Единствена Македонка досега наградена со оваа престижна награда, една Хрватица, една Црногорка и четири врвни културни работници покрај наградените истакнати личности од Италија, академици, политичари.Чест е голема ова признание.За мене е највредното досега. Благодарност до споменатите личности и до Мирјана Романело, член на VERBUMLANDIART, која долго живее во Италија.

Какви се впечатоците од Рим?

Г.Т.- Рим е прекрасен град, погледот врз неговата архитектура, знаменитости, фонтани, раздвижен свет, живоста низ неговите улици, фасцинира. Секое делче од Рим, улица, споменик, градба има своја приказна која  говори за неговата историја, традиција, особеност, менталитет,  темпераментот на луѓето низ метроата, градските кафеани, пицерии, славната Fontana di Trevi, улицата што води до Ватикан, до катедралата Св.Петар, сето тоа го оправдува епитетот Рим-  вечниот град. Се живее  брзо, динамично,многу живо. Како во ниедна друга метропола. Космополитски град.

Такец е наградувана во својата земја, но најпрестижните награди ги доби надвор од Македонија. Во 1974 година добива многу значајна награда за уметност по повод ослободувањето на нејзиниот роден град Битола. Во 2020 година ја добива наградата за поезија Клучот на Белград. Гордана Такец е наградувана на сите значајни фестивали низ Европа и пошироко, но како што вели, најголема награда за неа е читателската публика. Колку наградите Ве мотивираат? Кои се награди до сега сте ги добиле?

Г.Т.- Наградата е и своевидна обврска. Треба и натаму да се делува,работи, пишува,да се организираат настани, културни манифестации, да се биде присутен на секој начин во културните случувања. И да се биде добар, професионален и успешен во таа работа. Наградите се силен поттик и дополнителен мотив да се работи повеќе , подобро, поквалитетно. Во септември 2019 на меѓународна поетска манифестација добив награда за Животно дело на свои 70 години. Следната година во фебруари добив награда со почесна титула Визитинг професор на Европскиот институт за човекови права во Белград. Мошне вредни награди кои одново го зацврстија моето уверување дека успехот не доаѓа случајно. Тоа е процес кој подразбира работа, личен влог, инвестирање на самиот себе во она што се создава и ЉУБОВ кон работата. Затоа одрекувањето од личниот комодитет не ми паѓа тешко. Мојата работа подразбира многу непроспиени ноќи, многу прочитани авторски трудови и голема емпатија кон човекот. И таа љубов ме одржува и ми создава баланс, желба и мотив да ги мотивирам луѓето околу мене.

И оваа година традиционално се одржа манифестацијата во чест на Такецот. Колку награди доделивте на истата?

 Г.Т.- Оваа година  одбележавме јубилеј,100 години од раѓањето на Д. Д. Такец. Настанот од меѓународен карактер беше поддржан од Општина Битола, се одржа во Палатата на културата Офицерскиот дом во Битола. Беа доделени многу награди, преку 60 на учесниците од Босна, Хрватска, Србија, Шведска, Македонија, Кина,Црна Гора.

Што оваа манифестација според Вас значи за градот кој Вашиот татко најубаво знаеше да го опише во дела?

Г.Т.- Манифестацијата покажа дека во Битола има потенцијал кој доаѓа од самиот град, кој умее, има сенс,способност, идеа и моќ да стори нешто за Битола , лично за својот град, нешто што наликува на странско а наше е. Гордост ми е што таа манифестација идејно, креативно и од секој аспект ја создадов, осмислив и реализирав јас. Битола ЖИВЕЕ. Преку вакви случувања Битола функционира и полека ја враќа вербата кај своите граѓани дека битолчани умеат да го вратат стариот сјај кој таа го заслужува.100 тина писатели и поети, присутни на моите настани со голема бројка на млади талентирани автори е сериозен културен напредок значаен за овај град.

На кои се книжевни и поетски фестивали и манифестации учествувавте оваа година?

Г.Т.- Оваа година добив вредна награда во Струга на поетскиот настан посветен на македонскиот културен деец, писател, поет, есеист, критичар, Петко Шипинкаровски.Наградата е насловена ” Петковиот аманет”.

Дали подготвувате некое ново книжевно дело?

Г.Т.- Во подготовка се два мои романи: Жената змеј и Мојот живот. И двата автобиографски, со животни случувања, детали, настани, лични доживувања , се она за кое вреди да се пишува .Се она што бе е кажано во трилогијата Креветот како триумф, Будење и 7 минути страст.

 

 

Related Articles