Home » Битолчанка која трча полумаратони во Љубљана, Загреб, Белград – Александра Десковска

Битолчанка која трча полумаратони во Љубљана, Загреб, Белград – Александра Десковска

by culturalchat

„Слобода, живот, љубов. За мене трчањето стана начин на живот, можност да ги поместам сопствените граници и да уживам во секој чекор, не само на трчачките патеки туку и во животот“, вака го започна разговорот со нас битолчанката Алексадра Десковска. Битолчани ја препознаваат по планинарењето, но и филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Нам ни беше интересна една друга тема, нејзината љубов кон трчањето. Во април 2023 ја истрча првата трка на 5км, а потоа не застана со бавење со овој спорт.А.Д.- Пред тоа не можев да сфатам како можат луѓето да трчаат маратони, кога јас едвај можев да истрчам километар. Спортував рекреативно, планинарев, но не знаев многу за трчањето, освен дека станува тренд. Скоро сите другари од планина трчаа, јас не сакав. Но, почетокот на 2022 на скијање сериозно ја повредив ногата. После повредата беше невозможно да и се вратам на планината (првата љубов), па единствена опција беа трчањето и возењето велосипед. Така почнав да трчам… и не застанав.

На кои се маратони и трки си учествувала?

А.Д.-Засега трчам полумаратони, за маратон ми е уште рано, веројатно ќе треба да претрчам уште многу километри пред да се одлучам. Во Македонија се организираат само два маратони, Скопски маратон и Шри Чинмој. Трки на 5км, 10км, 21км има низ многу градови. За мене лично, тоа е можност да си ја запознавам нашата убава Македонија, да запознаам нови луѓе и најважно, да си се дружам со екипата од АККА RUN CLUB, па се обидувам да одам на повеќето од нив. Надвор од Македонија трчав полумаратони во Љубљана, Загреб, Белград, Поградец.Кои резултати ги имаш до сега?

А.Д.- Оваа година, со девојките од АККА RUN CLUB, освоивме екипно прво место во полумаратон на Охрид Трчат во Охрид, екипно второ место на 10 км November run во Гевгелија и второ место екипно на Трчај бе во Битола, исто на полумаратон.

Какви се припремите пред самиот маратон/самата трка?

А.Д.-Тренирам во текот на целата година, во сите временски услови, и на дожд и на сонце, секогаш надвор. Во однос на тоа кои ни се целите, тренерот ни прави соодветна програма за трчање. Наше е да сме дисциплинирани, да не пропуштаме тренинзи, да внимаваме на исхрана и да вежбаме редовно.Кој од нив, од маратоните, од трките, ти остави посебен впечаток и кој(која) беше најголем предизвик?

А.Д.-Секоја трка си е посебна на свој начин, не можам да издвојам само една. Некогаш на најлесната патека ви е најтешко и обратно. За мене секоја трка е натпревар со самата себе и можност да се победам себеси, а верувам дека е така и за повеќето трчачи.

Кој е следен на кој сакаш да учествуваш?

А.Д.-На сите. Не сум човек што може и сака да стои на едно место. Сакам да патувам, сакам нови предизвици и тоа е причина плус зошто го сакам трчањето. Од сѐ што планирав минатата година, само Гетеборг ми остана неостварена цел. Најголемиот полумаратон во Европа со околу 60000 учесници секоја година. Може не е следен, но секако ми е на листата за 2025.

Што овој спорт значи за тебе?

А.Д.-Слобода, живот, љубов! Сѐ! Благодарение на мојот тренер Кокан Ајановски, кој најнесебично ни го пренесува целото знаење, искуство и целата љубов за трчањето, за мене трчањето стана начин на живот, можност да ги поместам сопствените граници и да уживам во секој чекор, не само на трчачките патеки туку и во животот.

Related Articles