На Новата сцена во Центарот за култура беше изведена монодрамата „Кога цветаа тиквите“, НУ Народен Театар – Битола. Истата е во режија и изведба на актерот Кристијан Танчевски, автор на претставата е Драгослав Михајловиќ, а стручен консултант Љупчо Ѓоргиевски.
Претставата зборува за еден млад човек, кој ветрот го оддувал некаде далеку од својот дом. Вториот роман на познатиот југословенски автор, има облик на монолошка исповед: некогашниот надежен боксер Љуба Сретеновиќ се сеќава на периодот од крајот на 1940-тите и почетокот на 1950-тите години кои го натерале да емигрира во Шведска. Објавен во 1968 година, романот го привлекува вниманието на југословенските власти, а претставата подготвена според романот е симната од репертоарот по само неколку изведби. Овој роман е едно од пресвртните дела од кои почнуваат нови тенденции во југословенската книжевност; важи за најзначаен роман на југословенскиот „црн бран“ и е едно од првите уметнички дела кои ја допираат темата на Информбирото во Југославија.
„Кога цветаа тиквите“ претрпе голем број театарски, филмски и ТВ адаптации по укинувањето на забраната, токму благодарение на двосмисленоста на грубо реалистичната, скоро бруталистичка игра на Михаиловиќ, фактот дека содржи зрели политички, социјални, мелодраматски и поетски нивоа на значење, носејќи многу актуелни, современи и универзални теми.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски