Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка, претставува предизвик за планинарите поради големата висина од 6962 м, студените услови и силните ветрови кои често го прават искачувањето неизвесно. Токму овие фактори ја прават секоја успешна експедиција резултат на трпение, добра подготовка и тимска работа. На ова искачување единствен претставник од Македонија беше Иван Трпков. 
„Експедицијата беше реализирана во февруари и траеше 18 дена. Тимот броеше седум членови: покрај мене беа и двајца учесници од Аргентина, еден од Уругвај, двајца од Бразил и еден од Мароко“, ни изјави Трков.
И покрај тешките услови, петмина од нив успеаја да застанат на врвот. Речиси целиот месец февруари беше обележан со нестабилно време и силни ветрови на високите делови од планината. Сепак, краток временски „прозорец“ со поповолни услови овозможи безбедно и успешно искачување.
Со ова искачување, Иван го заокружи својот трет врв од проектот „7 највисоки врвови на континентите“, по претходните успеси на Килиманџаро во Африка и Елбрус во Европа. Покрај овие врвови, зад себе има искачувања на Исланд пик на Хималаите, Арарат во Турција, Дамаванд во Иран, Казбек во Грузија, како и неколку значајни европски врвови меѓу кои Мон Блан, Гросглокнер, Ортлер и Гран Парадизо, како и други планини. Овој успех претставува уште еден убав придонес за битолското и македонското планинарство. Честитки Иван Трпков.






