Home » Битолскиот актер Петар Горко дел од најновиот македонски филм „Утре наутро“

Битолскиот актер Петар Горко дел од најновиот македонски филм „Утре наутро“

by culturalchat

Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи после четирите распродадени сали во Скопје, премиерно беше прикажан во киното „Браќа Манаки“ во Битола. Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска. Бројната публика имаше можност да го проследи филмот кој според критиките заслужува внимание. По проекцијата гостите имаа можност да се дружат со режисерот, дел од тимот и актерската екипа и да дискутираат за филмот. Дел од филмот е и битолскиот актер Петар Горко.„ Навистина го чекав денот да го видам филмот, секако дека возбуда имаше, ама со оглед на тоа што јас не ја знаев целата приказна, односно ја имав само линијата на мојот лик како се движи во целото сценарио.Возбудата за време и после филмот се претвори во грутка во стомакот, силни емоции, прашања, одговори ме преокупираа мене лично, а и моите пријатели и семејството. Да ова е филм за сите нас, горчлив како нашата македонска судбина , кажана многу директно и отворено како што треба секој македонец режисер тоа да го прави, но по се изгледа дека само Јани Бојаџи е таков. Секоја чест. Боли навистина и незнаеш што е пострашно  мојот негативен лик или ликовите видливи и невидливи кои се предавници на оваа земја. Тоа беа дискусиите на коктелот после премиерата во КИЦ Битола“, ни изјави битолскиот актер Петар Горко.Ова е втора негова соработка со Бојаџи.

„Ми беше кажано дека немам голема улога,  но дека е важна и дека се испреплетува низ целата приказна. Прифатив, затоа што сакам да работам со овој режисер кој е студиозен, прагматичен и многу работи. Втора соработка после Бистра вода. Кога ја слушнав на снимање вистинската пресуда на врховен суд на Македонија, се ежев до нагони за повраќање. Јас сум хирургот Поп Симонов кој силува многу лекарки, притоа е ослободен со таа пресуда затоа што врските и неговиот углед се поважни од уништувањето на другите луѓе. Ликот провејува навистина низ цел филм, некогаш како привидение, често како име, за на крај да ја земат лекарките судбината во свои раце и да му пресудат. Лично како Горко се грозам од педофилија и силувања и навистина би сакал да постојат настроги казни за таквите луѓе, а ги нема. Напротив. Иако често во театар сум играл негативци, ова е еден лик кој гледајќи го со дистанца е одвратен навистина“.

Процесот на работа бил одличен, Горко сподели со нас дел од неговите впечатоци.

„ Екипата повеќе од одлична, прекрасни актерки и актери, режисерот, камера, костим, шминка, се. Немам зборови, работевме по сто пати една сцена додека режисерот не го добиеше она што навистина го сака, но со радост, не беше важно дали е 3 попладне или 3 после полноќ. Имав една сцена која се сеќавам ја снимав ноќе, после настапот на Глумците пеат во Скопје, во 01.00 часот се појавив на сет, почнав да снимам околу 02.30 до кај 05.00 часот утрото. Без проблем, со смеење со екипата, со уживање. Затоа и резултатот е прекрасен“.Битолскиот актер вели дека доцниме со  љубовта кон својата татковина.

„Заедно сите –  до последен, доцниме со казните за предавниците, знаеме дека големите ги јадат малите, тоа е нашата приказна, ама за пари ??? да станеш предавник, да оставиш карма на цело семејство, за пари?? Страшно, за мене е страшно. Многу истории се како нашата, во многу земји мислам, толкаво мешање на големите ќе да е кармично наследство од дамнини. Додека не почнеме сите заедно да ја сакаме, нема напред, додека од секој нас не тргнеме да влијаеме со нашето однесување и лично и професионално, да го сфатиме системот само како унија на нашите однесувања кои очигледно не се добри, а тоа е одраз во власта сиве години од осамостојувањето. Системот сме ние, секој поединечно. Но, има големо но, кое боли…ќе се промени ли нешто? Да Утре наутро!“.

Го запрашавме како балансираше со работата на филмот и претставите во Битолски театар.

„Немаме проблеми кога имаме снимања, писмено известуваме, стои во архива, така што не е проблем. Јас професионално кога имам нешто значи имам многу денови, со поклопувања, со сатниците, па менаџирам, а кога немам ништо, слободен ко птица хахаха. Тоа е, се навикнав, така функционирам и мислам дека сум повеќе концентриран и телесно и психички поподготвен за задачите“.

Покрај Горко во филмот се и: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска. Продуцент на филмот е Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи. Продуценти се: Синемон медија фактори, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.

Фотографии: Приватна архива на Петар Горко и КИЦ Кино Манаки.

 

Related Articles