Home » Битолскиот актер Здравко Стојмиров ја доби наградата „Актер на Европа“

Битолскиот актер Здравко Стојмиров ја доби наградата „Актер на Европа“

by culturalchat

Со доделување на наградите, во Сарајот во Ресен заврши 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал ,,Актерот на Европа“. Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска, членови, наградата Актер на Европа за годишно остварување му беше доделена на македонскиот актер Здравко Стојмиров, за неговата изведба на претставата „Фетишист” по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народниот театар Битола.„Наградата „Актер на Европа“ е една од најзначајните што сум ги добил досега, а воедно и најдрагата. Отсекогаш било најтешко да бидеш препознаен токму во својата земја, па токму затоа ова признание има посебна тежина и значење за мене. Искрена и длабока благодарност до Фестивалот „Актер на Европа“, до организаторите, до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, до публиката, до моите најблиски и до сите што ме поддржуваат. Ви благодарам за честа и за довербата“, изјави Стојмиров. Завршната вечер ја одбележа и изведбата на претставата „Јелена Савојска“ работена потекст на Марија Сарап, во режија на Зоран Ракочевиќ, со актерката Јелена Ѓукиќ од Црна Гора, која воедно ги понесе наградите за најдобра претстава и најдобар драмски текст. Наградата на публиката ја понесе претставата „Нушиќ лично“, текст и режија Миодраг Илиќ, во продукција на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград, Србија. Наградата Жак Лакариер и припадна на претставата „Lebensraum – Експеримент во добрина“, работена по текст на Танасис Триаридис, во режија на Јанис Димакас, од Театарот Теато Парамитиас Теспортиас, од Грција. Наградата „Млада Европа“ им припадна на Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓоргиев Илиоски за улогите во претставата „Сега му е мајката“, работена по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов, и во продукција на „Алтернативен театар Пробатон“, Свети Николе. Наградата за животно дело Актер на Европа му беше врачена на отворањето на фестивалот на легендарниот германски актер и режисер Брајан Мајклс. Добиниците на наградата Клучевите на Преспа оваа година се, еминентниот британски професор на Оксфорд, Џемс Петифер, автор на „Езерата и империите во македонската историја“ и проф. д-р Никола Јанкуловски, светски признат експерт во медицината ипоранешен ректор на УКИМ. Наградата Големата Повелба „Балканот – Срцето на Европа“, постхумно му беше доделена и на албанскиот писател со светско реноме и поддржувач на фестивалот од неговото основање, Исмаил Кадаре. Другите годинашни добитници на оваа награда се Танасис Триаридис од Грција, Саша Драгиќ од Србија и проф.Љубомир Кекеновски од Македонија.Со оваа иста монодрама Здравко Стојмиров ја освои наградата за најдобар актер на 21-то издание на Меѓународниот фестивал на монодрама „АЛБА МОНО“, што се одржа од 23 до 30 јуни 2025 година во Поградец, Албанија.
„Ова е голема чест за НУ Народен театар – Битола и за актерот Здравко Стојмиров. Му посакуваме уште многу успешни изведби и нови награди на национални и меѓународни сцени“, истакнаа од Битолскиот театар.

 

 

 

Related Articles