Home » Битолска премиера на македонскиот филм „Те дуа, жими мене“

Битолска премиера на македонскиот филм „Те дуа, жими мене“

by culturalchat

Во Битола се одржа премиера на македонскиот филм „Те дуа, жими мене“. Се работи за  долгометражна комедија во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов, кој се наоѓа и во улогата на протагонистот Кокан. Покрај него, во главните улоги се јавуваат и Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска.

„Те дуа, жими мене“ зборува за суштината на меѓучовечките односи. Директор на фотографија е Александар Карпузовски.
Филмот е социјална комедија што обработува плејада тематики, почнувајќи од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сѐ до вистинска љубов.

Филмот под лупа ги набљудува различностите, сѐ со цел на површина да го извлече она што е заедничко меѓу нив, а тоа е човечката емоција што нѐ поврзува сите нас. Се работи за приказна што следи тројца другари што се впуштаат во патувачка авантура низ која се среќаваат со разни ликови што чекорат на раб на сатира со цел да ги карикатуризираат целните групи што ги претставуваат.

„Те дуа, жими мене“ зборува за горчливи работи на сладок начин.

Актерската екипа ги опфаќа и Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Мими Таневска, Исмаил Касуми, Владо Јовановски, Мирсад Абази, Мими Таневска, Сенко Велинов, Фирдаус Неби, Флакрон Алиу, Елдин Широки, Талија Настова, Ангела Димитрова и Сара Спиркоска.

Кузелов објасни како одлучил да го игра главниот лик од своето сценарио.
„ Веќе подолго време константно соработувам со Марјан и како актер и како сценарист, така што кога работиме мое сценарио јас знам дали и кој лик ќе го играм уште пред сценариото да биде напишано, односно кога приказната е сѐ уште на ниво на идеја. Во овој случај стануваше збор за моја лична анегдота што јас ја развив во краток синопсис додавајќи многу фиктивни елементи, така што моето кастирање за ликот Кокан дојде некако природно со оглед на тоа дека ликот беше пишуван според мене. Дури и Валентин Видовиќ е дел од вистинската случка и може да кажеме дека игра филмувана верзија од себеси “.

Трејлерот на филмот на следниот линк:

 

Related Articles